ПРВАТА АЛБАНСКА ИНВЕСТИЦИЈА ВО МАКЕДОНСКИТЕ СЛОБОДНИ ЕКОНОМСКИ ЗОНИ
Со засадување на над 300 години старо маслиново дрво како симбол на мирот и пријателството, денеска во ТИРЗ Бунарџик беше озачен почетокот на изградбата на објектот на албанската фармацевтска компанија „Саген“, прва албанска инвестиција во слободните зони во Македонија.
Во објектот во Македонија ќе се произведуваат инфузни раствори и генерички лекови од кои најголемиот дел ќе бидат наменети за извоз.
Предвидено е инвестицијата да се реализира во две фази. Во правата фаза ќе се вложат 6,5 милиони евра и ќе се вработат 60 до 70 лица, а во втората инвестицијата ќе достигне до 20 милиони евра, а бројот на вработени до 300.
– Во објектот во Скопје со напредна најсовремена технологија ќе се произведуваат стерилизирани фарамцевтски производи кои ќе можат да се извезуваат насекаде во светот. Ќе има и специјализирана лабораторија што ќе ги исполнува европските стандарди и GMP нормите. Нашето мото ќе биде „Вашето здравје, наша грижа“, рече сопственикот на компанијата Исуф Бербери во својот говор.
Тој нагласи дека „Саген“ е компанија ќерка на „Фарма“, фирма која постои од 1946 година и делува во Албанија и други балкански земји и посочи дека засадувањето на маслиновото дрво е симбол на мирот и пријателството меѓу двете соседни земји.
Премиерот Зоран Заев изградбата на објектот на „Саген“ во ТИРЗ Скопје 1 ја оцени како историски и многу значаен момент. Компанијата со седиште во Тирана купи парцела во слободната зона ТИРЗ Скопје 1 која опфаќа површина од 28.000 м 2. Откако ќе заврши првата фаза на изградба, производството ќе започне не подоцна од две години од датумот на завршување. Сите фази се планираат да се завршат во рок од 5 години од почетокот на градежните активности.