ДТИРЗ ПОТПИША ДОГОВОР ЗА СОРАБОТКА СО СВЕТСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА СЛОБОДНИ ЗОНИ

Дирекцијата за Технолошко-индустриски развојни зони потпиша меморандум за соработка со Светската организација на слободни зони.

-Многу сум задоволна од она што е направено во слободните зони и од односот што го имате со инвеститорите. Тоа е поради добрите политики на Владата и добрата работа на менаџерскиот тим на зоните. Моите искуства покажуваат дека сте на вистинскиот пат.

Ова го порача Ника Манукова, регионалниот менаџер за Европа, ЗНД, Иран и Турција на Светската организација на слободни зони по потпишувањето на апликацијата за членство на Дирекцијата на ТИРЗ во Светската организација на слободни зони. Манукова во изминатите три дена ги посети слободните зони во Скопје, Струга, Кичево и Тетово и имаше разговори со менаџерите на Џонсон Мети, Ван Хоол, КСС, Костал и ОДВ Електрик, на кои ги изнесоа своите искуства од работата во Македонија.

Таа посочи дека е добра практика што зоните не се сконцентрирани само во Скопје, туку низ целата територија на државата и нагласи дека квалитетот на производите што се произведуваат во зоните во Македонија е еднаков со светскиот.

Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо нагласи дека влегувањето на Македонија во Светската организација на слободни зони ќе значи идна соработка на компаниите во македонските зони со други компании лоцирани во слободни економски зони низ светот и на кој начин може да ја прошират својата мрежа на добавувачи.

-Нашето членство директно ќе влијае врз трансфер на знаење и информации како слободните зони функционираат низ светот, како да го подобриме процесот на привлекување на инвеститори, но истовремено и на сервисирање на постоечките инвеститори. Преку членството Македонија дополнително ќе се промовира како потенцијална дестинација за инвестирање, рече Мизо.

Светската организација на слободни зони во моментов има 252 членки од 47 земји, а во светот има 2.500 слободни зони.