МАКЕДОНСКАТА КОМПАНИЈА „ФПЦ ТЕХНОПЛАСТ“ ЌЕ ОТВОРИ 200 РАБОТНИ МЕСТА
Македонската компанија „ФПЦ Технопласт“ денеска постави камен-темелник на новата фабрика во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1. Домашната инвестиција е во вредност од 10 милиони евра и ќе се реализира во две фази, на градежна парцела од 11.000 метри квадратни. До крајот на 2017 година е планирано да се изгради објект од 4.200 метри квадратни во кој ќе се вработат 100 лица. Во втората фаза ќе се догради објект од 3.000 метри квадратни за дополнителни 100 вработени.
Во фабричкиот погон ќе се произведуваат алати и пластични компоненти за автомобилската индустрија, а подоцна капацитетите ќе се прошират и за компоненти наменети за електричната и електронската индустрија. Директорот на „ФПЦ Технопласт“, Ѓорче Тодоровски истакна дека целото производство ќе се извезува на европскиот пазар, а корисници на производите ќе бидат автомобилските брендови Мерцедес, БМВ, Ауди, Порше, Рено и Нисан.