ДУИНГ БИЗНИС 2017: МАКЕДОНИЈА МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ 10 СВЕТСКИ ЕКОНОМИИ ЗА ВОДЕЊЕ БИЗНИС

Македонија е меѓу десетте најдобри економии во светот и петте најдобри економии во Европа за водење на бизнис,вели најновиот извештај на Светска банка, реномираниот Доинг Бизнис 2017, кој рангира 190 земји од светот.

„Рекордни 137 економии во светот ги спроведоа клучните реформи кои се потребни за почнување на мал и среден бизнис“ се наведува во извештајот Дуинг бизнис 2017 кој Светската банка го издава еднаш годишно.

Во нивното рангирање за бизнис ефикасноста на прво место е Нов Зеланд, а потоа следуваат Сингапур, Данска, Хонг Конг, Кина, Република Кореја, Норвешка, Велика Британија, Соединетите Американски Држави, Шведска и Македонија.

Дуинг бизнис 2017 е 14 по ред годишен извештај во кој се истражуваат законите што ја зголемуваат бизнис активноста и оние што ја ограничуваат.

Македонија се наоѓа на 9-тото место во светот по индикаторот „Плаќање даноци“, на 16. место кај индикаторот „Пристап до кредити“, на 27. место кај индикаторот „Услови за прекугранично тргување“ и на 32. место по „Решавање на несолвентност“.

И во однос на останатите индикатори, Македонија котира повисоко во извештајот на Светска банка. Така, Македонија е четврта земја во светот по Нов Зеланд, Канада и Хонг Конг каде е најлесно да се започне бизнис, а на 11. позиција во светот е рангирана според индикаторот за вадење градежни дозволи. Според индикаторот за заштита на малцински инвеститори, Македонија го зазема 13-тото место во светот, а уште една категорија каде има значителен напредок е пристапот до електрична енергија каде е рангирана на 29-тото место.

Во извештајот се рангираат 190 земји. Од регионот Хрватска се наоѓа на 43. место, Србија на 47. место, Црна Гора на 51, Косово на 60, Босна и Херцеговина на 81. место. Лани Македонија се наоѓаше на 12. место.