ИТАЛИЈАНСКAТА ГРУПАЦИЈА „ВИТИЛО“ ОТВОРИ ВТОР ПОГОН ВО БУНАРЏИК, ПЛАНИРА И ТРЕТ

Италијанската групација „Витило“ официјално ја отвори својата втора фабрика во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 – инвестиција вредна 10 милиони евра , која се очекува да отвори 100 нови работни места.

Антонио Витило, генералниот директор на компанијата „Витило“, предвидува и трета инвестиција наредната година со што вкупното вложување ќе се заокружи на 30 милиони евра, а ќе бидат вработени преку 300 лица. Тоа е шестпати повеќе од првичната инвестиција и покажува дека компанијата „Витило“ ги препозна поволните бизнис можности што ги нуди Македонија.

– Овие бројки ја потврдуваат нашата одлука за инвестирање во Македонија, државата во која верувавме и во која стекнавме пријатели кои ни овозможија да се чувствуваме како дома, истакна Витило.

Според него, одлуката за уште една инвестиција во земјава италијанската групација ја донела и благодарение на досегашното позитивно искуство тука, но пред се на долгорочноста на целите на македонската Влада.