„ХАЈ-ТЕК“, ПРВА МАКЕДОНСКА КОМПАНИЈА ВО СЛОБОДНИТЕ ЗОНИ

„Хај-тек“ е првата македонска компанија која ќе инвестира во изградба на фабрика во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1. Инвестицијата во вредност од 20 милиони евра се очекува да отвори 300 работни места со 100 вработени лица во текот на првата година, според извршниот директор на „Хај-тек“, Саво Станковиќ.

Тој оцени дека станува збор за втор по значење историски настан во 36-годишното постоење на компанијата, бидејќи, вели, дава можност за натпревар на европско ниво во сопствената земја без какви било ограничувања.

„Досега работевме на едно ниво на технолошки производ, а ова е нешто ново и значи надоградба на нашиот производ со новододадена вредност со што ќе овозможиме и поголем извоз од Македонија и поголеми вработувања и многу поголем пласман на македонски технички кадар на европскиот пазар“, рече Станковиќ.

Виктор Мизо, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, потенцира дека денеска и официјално компанијата ја потврдува одлуката за инвестирање во новоформираната компанија „Хај-тек асембли сентар“ во сопственост на постоечката компанијата „Хај-тек“.

„Оваа компанија е доказ дека поволностите кои се нудат во ТИРЗ за странските компании односно за компаниите кои се основани со странски капитал се во целост исти и за домашните компании“,.изјави Мизо.

„Хај-тек“, додаде тој, ќе се одржи на процесот на производство на сегашната локација во скопското село Орешани, како на новата компанија се очекува да се прошири своето работење и да се зголеми извозот на своите производи.

Македонската компанија планира да ја започне изградба на новата фабрика во на почетокот од март и се очекува да биде отворена во текот на третиот квартал на 2016 година.

Производите на „Хај-тек“ наоѓаат широка примена во воената индустрија, авионската, автомобилската индустрија, во медицинска опрема, а нивни клиенти се големи глобални компании како „Континентал“, „Бош“, „Сименс“, „Филипс“ и други.