АМЕРИКАНСКИ КАПКОН ЌЕ ИНВЕСТИРА 18 МИЛИОНИ ДОЛАРИ И ЌЕ ОТВОРИ 400 РАБОТНИ МЕСТА

Американската компанија од автомобилската индустрија Капкон аутомотив технолоџис ќе инвестира 18 милиони долари и ќе отвори 400 нови работни места во индустриската зона во Скопје. Во фабриката ќе се произведуваат инфлатори за воздушни перничиња наменети за извоз на европскиот пазар. Производството се планира да почне во вториот квартал следната година.

Договорите за реализација на инвестицијата ги потпишаа денеска во Скопје претставници на македонската Влада и на компанијата Капкон.

Али Ел-Хач, главен извршен директор во „Капкон“, најави дека ќе инвестираат во изградба на најсовремен капацитет со високософистицирани производствени линии со цел да обезбедат производство и испорака на висококвалитетни производи за своите клиенти во Европа.

– Капкон го избра Скопје за свој дом за деловните активности и производството наменето за пазарите во Европа. Овој производствен капацитет откако ќе стане целосно оперативен ќе вработи околу 400 лица. Исто така, имаме намера да ги прошириме нашите активности тука и да отвориме технички центар кој исто така ќе има и инженерска поддршка во овој капацитет, рече Хач по потпишувањето на Договорот.