ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА ТИРЗ „ВИНИЦА“
Почна изградбата на ТИРЗ „Виница“ која се простира на површина од 21 хектар, составена од 10 парцели. Се наоѓа на само два километра од Виница, пет километри од Зрновци, 10 километри од Кочани, 115 километри од аеродромот Александар Велики во Скопје и 160 километри од граничниот премин Богородица.
На поставувањето на камен-темелникот присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот за економија Беким Незири, директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо и градоначалникот на Виница Емил Димитриевски.
Зоната ќе има и соодветен патен приклучок, а од особена важност ќе биде изградбата на автопатот Скопје – Штип, експресниот пат од Штип до Кочани и натамошниот развој на патната мрежа во овој дел од земјата, меѓу кои и надградбата на магистралниот пат што води до Делчево.
Локацијата се наоѓа на тромеѓето меѓу општините Виница, Кочани и Зрновци и ќе нуди вработување за жителите од трите општини.