ДУИНГ БИЗНИС 2015: МАКЕДОНИЈА УШТЕ ЕДНАШ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ РЕФОРМАТОРИ ВО РЕГИОНОТ

Македонија останува меѓу земјите со најдобри резултати на глобално ниво во реформите за олеснување на водењето бизнис, покажува најновиот Извештај на Светска банка „Дуинг бизнис 2015: Преку границите на ефикасноста“.

Оваа година Македонија е рангирана на 30. место. Според Извештајот Црна Гора е на 36. место, Бугарија на 38., Романија на 48., Словенија на 51 место, Албанија на 68., Србија на 91 место и Босна и Херцеговина на 107 место.

Во Извештајот се додава дека пред 10 години во Македонија за почнување бизнис беа потребни 48 дена, а денес оваа постапка може да биде завршена за два дена.

Новиот Извештај покажува колку добро се снаоѓа секоја економија во однос на најдобрите глобални практики и највисоките перформанси за секој од индикаторите во сите економии опфатени со Дуинг бизнис.

Економиите на земјите се оценуваат на скалата од 0 до 100. Согласно Извештајот Дуинг бизнис 2015 Македонија на оваа скала е оценета со 74,1 процент што претставува подобрување од 1,4 проценти во однос на 2014 година.

Извештајот на Светска банка Дуинг бизнис ги анализира регулативите кои се применуваат во економијата за време на инвестицискиот циклус како што се почнување со бизнис, прекугранична трговија, плаќање на даноци и решавање на несолвентност. Со истражувањето кое е спроведено во периодот од јуни 2013 до јуни 2014 година опфатени се 189 економии во светот.