ПОСТАВЕН КАМЕН-ТЕМЕЛНИК НА ФАБРИКАТА НА “ВАН ХОЛ” ТИРЗ СКОПЈЕ 2
Со свеченото поставување камен-темелник отпочна реализацијата на новата инвестиција во ТИРЗ Скопје 2 на белгиската компанија „Ван Хол”, која ќе отпочне со изградба на фабрика за автобуси. Оваа инвестиција е вредна 20 милиони евра и ќе овозможи вработување на 400 до 500 лица.
На оваа свеченост присуствуваа владини министри заедно со премиерот Никола Груевски, кој подвлече дека станува збор за прва поголема белгиска инвестиција во земјава со која продолжува инвестицискиот циклус кој ја зафати Македонија. Според него, оваа инвестиција е уште една успешна приказна од серијата нови странски инвестиции во државата кои се одличен показател дека Македонија нуди навистина добри услови за инвестиции и проширување на својот бизнис.
Честитајќи ја 65-годишнината на компанијата „Ван Хол”, шефот на Владата истакна дека оваа инвестиција ќе резултира и со зголемување на македонскиот извоз и подобрување на трговскиот баланс кон САД и западноевропските земји.
Директорот на белгиската компанија „Ван Хол”, Филип Ванхол подвлече дека ова е нивна единствена најголема стратешка инвестиција надвор од Белгија со која се одбележува и нивниот јубилеј од 65 години. Донесувањето на одлуката да се инвестира во Македонија воопшто не било брзо и лесно, но, вели, во тоа им помогнала огромната поддршка од македонската Влада.
– Ме прашаа зошто инвестираме во Македонија, а не во растечките земји во светот како Индија и Кина. Па токму Македонија е еден од тие растечки центри. Таа има историја на поврзување на различни светови: исток и запад, а сега Европа и Америка. Убеден сум дека ќе успееме со оваа инвестиција и дека ќе можеме да се потпреме не само на образованието на младите генерации во техничките училишта и одличните македонски универзитети, но и на големото искуство во производство на квалитетни автобуси кои во минатото биле произведувани во Македонија, рече Ванхол.
Новиот капацитет на „Ван Хол” ќе се протега на површина од 36.900 метри квадратни, а се очекува да почне да произведува автобуси во првиот квартал од 2013 година. Целта на белгискиот инвеститор е да ја реализира американската нарачка од 400 автобуси од која првите 50 треба да се извезат од погоните на фабриката веќе од крајот на 2013 година. По оваа нарачка, компанијата ќе воведе два нови модела на автобуси, а полниот капацитет што треба да се постигне е годишно производство од 400 автобуси.