ПОСТАВЕН КАМЕН-ТЕМЕЛНИК НА НОВАТА ФАБРИКА НА “КРОМБЕРГ И ШУБЕРТ” ВО МАКЕДОНИЈА

Со свечено поставување камен-темелник започна изградбата на фабриката за автомобилски кабли, инвестиција на германската компанија „Кромберг и Шуберт” во индустриската зона Жабени, Битолско. Во фабриката ќе се инвестираат 20 милиони евра, а ќе се отворат 2500 нови работни места. Истата инвестиција ќе придонесе за зајакнување на економската соработка помеѓу Македонија и Германија воедно овозможувајќи околу 100 милиони евра годишен извоз.

На оваа свеченост присуствуваше премиерот Никола Груевски заедно со министри од Владата на Република Македонија.

– Ова ќе биде најголема гринфилд инвестиција по број на вработувања во поновата историја на Република Македонија. Исто така овој камен темелник е камен темелник на нова и посветла иднина на целиот овој регион. Во новата фабрика ќе можат да се вработата многу луѓе кои порано работеле во индустријата во Битола, Прилеп, Ресен и другите околни места, истакна премиерот Груевски во своето обраќање.

Според Мартин Пасерн, оперативен директор на „Кромберг и Шуберт”, првата хала од фабриката ќе биде изградена во ноември 2012 година, а во 2013 ќе се произведат и првите автомобилски кабли.

– Наш приоритет ќе бидат квалификувани и мотивирани работници, високообразован кадар и кадар со средно образование. За изградба на нашите капацитети за производство на кабелски инсталации баравме место кое што ќе ги задовли нашите потреби. Патот не донесе токму во Македонија, а во Битола добивме услови кои ни одговараат, изјави Пасерн.