МАКЕДОНСКИ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ ВО БУДИМПЕШТА
Во организација на Амбасадата на Република Македонија во Унгарија и Стопанската комора на Централна Европа “EuCham” на Бизнис школата на Централно Европскиот Универзитет во Будимпешта се одржа Македонски инвестициски форум. Целта на форумот беше презентирање на инвестициската клима на Република Македонија и можностите за инвестирање во повеќе сектори. Вовед во презентацијата изврши Амбасадорот на Република Македонија во Унгарија Дарко Ангелов додека Директорот на Дирекцијата за технолошки развојни индустриски зони Виктор Мизо го претстави целокупниот профил на инвестицискиот амбиент и можности за инвестирање во државата. Пред присутните раководители на преку 80 компании од Унгарија и Централна Европа поздравно обраќање имаа и Претседателот на Стопанската комора на Централна Европа Мишел Орзан и Деканот на Бизнис школата на Централно Европскиот Универзитет Мел Хорoвиц.
На презентацијата беа истакнати мерките на Македонската влада за привлекување на странски инвестиции, но и на потенцијалот за извоз на македонски производи вo Унгарија и Централна Европа. Присутните особен интерес покажаа за инвестиции во прехранбената индустрија и туристичките капацитети и најавија, иако Унгарија се наоѓа во рецесија, дека кај одредени компании сепак постои потенцијал за проширување на производните капацитети во држави кои нудат поволни услови, како што е случајот со Република Македонија.
По завршувањето на презентацијата се одржа дегустација на Македонски вина, како прилика за неформално запознавање и утврдување на следните чекори на заинтересираните компании за посета на Република Македонија со цел утврдување на конкретните можности за инвестирање.