MЛАДИНСКИ ПАНЕЛ НА ПРЕСПА ФОРУМ ЗА ДИЈАЛОГ 2023: СОЗДАВАМЕ УСЛОВИ ЗА МЛАДИТЕ ДА ГРАДАТ КАРИЕРА ДОМА И ДА БИДАТ НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИТЕ
Креирање европски работни места дома и реформа на образованието што ќе ги подготви младите за професиите на иднината се клучни да се спречи одливот на мозоци од регионот. На младинскиот панел „Развивање вештини и создавање можности: стратегии за справување со одливот на мозоци“, претставници на владини и меѓународни институции, здруженија на млади и невладини организации дебатираа за конкретни решенија со кои треба да се влијае врз намалување на миграцијата, особено на младите и како оние што се иселиле да се поттикнат да се вратат дома.
„Во ТИРЗ креираме европски, добро платени работни места и можности за младите дома. Ако се решите да ја напуштите земјата, тогаш не можете да ја направите промената. Ако останете, можете да се обидете, да успеете и да бидете промената. Имаме многу паметни и школувани луѓе и нивниот интелектуален потенцијал е она што може и ќе ја придвижи државата напред.
Мора сите да работиме заедно за да создадеме иднина за младите дома наместо живот спакуван во куфери“, порача Јован Деспотовски, директор на Технолошки индустриските развојни зони (ТИРЗ).
Евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир порача дека проблемот со одлив на мозоци е заеднички проблем но дека „европскиот пат дава најдобра можност за младите да ја градат својата иднина заедно дома“.
Марко Ѓоргиевски, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност посочи дека можностите кои веќе три децении ги нуди една од највлијателните програми Еразмус+ која промовира мобилност на младите во Европа е пример како младите може да го применат стекнатото европско искуство дома.
„Феноменот на одлив на мозоци на висококвалификувани индивидуи кои бараат подобри услови за живот е особено присутен во земјите од Западен Балкан. Тоа доведува до загуба на човечки потенцијал и остава сериозни социо-економски последици. За да ги задржиме младите треба да го промениме и наративот и ставот кој го имаме, да внесеме позитивен и инклузивен пристап, да се осврнеме кон развој и соработка“, истакна Марко Ѓоргиевски.
Маја Ханџиска Трендафилова, директорка на РЕСПА, посочи дека „визијата за реформирана јавна администрација е идна и докажана за младите“.
„Овозможувајќи регионално учење и градење капацитети, ние се фокусираме на човечкиот капитал додека ги поддржуваме институциите да станат атрактивни работодавци и просперитетни контексти за способни млади таленти“, рече Ханџиска Трендафилова.
„Независно судство и нулта корупција се важни за младите да се вратат во нивните матични земји. Ние повеќе од 30 години ги поддржуваме земјите од регионот и наш приоритет е поддршка на младите и развој на вештини, што е вин-вин пристап“, порача Ливија Леу, државен секретар во швајцарското Министерство за надворешни работи.
Претставниците на младинските организации, стартап заедницата и универзитетите сметаат дека за ефикасно справување на одливот на мозоци потребно е овој проблем да биде препознаен како основна причина наместо обичен симптом, како и дека е потребно справување и со проблеми како корупција, недоверба во институциите и недоволни можности кои се меѓу главните причини за иселувањето.
Според учесниците на панелот, подобрување на вештините, креирање на локални и регионални можности за работа, претприемничка поддршка и финансирање за истражувања за да им се обезбеди на младите атрактивни алтернативи за миграција и да се поттикнат да придонесат за развојот и екосистемот на нивните матични земји, како и воспоставување мрежи за соработка, споделување добри практики и обезбедување програми кои ќе поттикнат размена на знаења се дел од решенијата кои може да помогнат да се ублажи феноменот на одлив на мозоци.
На панелот „Развивање вештини и создавање можности: стратегии за справување со одливот на мозоци“, меѓу другите учествуваа и Бленди Ходаи, ко-основач и директор на Форум за образовни промени, Игор Маџов, од Стартап Македонија, Леке Жерка, ко-основач и директор на мрежата на БОНВЕТ од Косово, Андрија Младеновиќ, проектен координатор во Центар за Европска политика, Србија, Грета Харапај, маркетинг директор во Аладин, Албанија, Сеад Шахман, доцент и заменик-претседател на Бошњачкиот национален совет од Црна Гора, Стефан Вељановски, професор по економија на Универзитетот во Индијана како и Блерина Зендели од старт-ап акцелератор на УЈИЕ.
За пристап до видео записот од дискусијата, кликнете овде.