ДЕСПОТОВСКИ: ПРИОРИТЕТ НИ СЕ ПЛАТИТЕ, А НЕ СЕЧЕЊЕТО ЛЕНТИ
Ефектот од странските инвестиции и директните придобивки за граѓаните се најважни и тоа е главен приоритет по кој се водиме, изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.
„ Треба да знаете што ви е приоритет. Дали да сечете ленти и да се сликате додека работниците биле платени 9000 денари. Или пак луѓето ви се приоритет. Мене ми е приоритет на луѓето во оваа држава од чии пари се плаќаат тие компании да дадат придонес назад. А тој се прави преку добро платени работни места и преку парите што ги уплаќаат во буџетот на државата назад. Во моментов во Зоните работат речиси 18.000 граѓани што е три пати повеќе споредено со 6000 во 2016 година. Во последниве две години имаме плати повисоки од државниот просек. Ако пред шест години овие компании во буџетот уплаќале 10 до 12 милиони, само годинава според проценките очекуваме 75 мил евра што е седум пати повеќе. Покажавме дека ова повеќе не е земја на ефтина работна сила туку главен приоритет ни се добро платени работни места со кои ќе си ги задржиме децата дома,“ посочи Деспотовски во емисијата Стадион, на Канал 77.
За оваа цел ТИРЗ започна и кампања “Иднината почнува дома“ чија цел е преку примерите на млади луѓе кои работата во Зоните да се претстават можностите за работа.
„Резултатите од овие три години покажаа дека нема потреба од скапи кампањи во странство, туку има потреба да се покаже дека во оваа држава има можности за добро платени работни места. И сите тие млади кои размислуваат да заминат од државата во странство и да работат во иста таква фабрика, на исто такво работно место во Италија или Германија, да сфатат дека истото постои и тука. Затоа започнавме кампања на која има лица на млади луѓе кои се остваруваат професионално тука. Да ја зголемиме видливоста на можностите што се нудат во рамки на Зоните. Ова се сe млади луѓе кои успеале да најдат пристојна живеачка, за пристојна плата дома,“ рече Деспотовски.
Во однос на влезот на домашните компании во ТИРЗ, Деспотовски рече дека Дирекцијата веќе има постигнато договори со две домашни компании за влез во Зоните, но процесот е заглавен со месеци поради што се доведува во прашање реализацијата на овие проекти.
“Со две македонски компании имаме постигнати инвестициски договори. Истите ги испративме на разгледување во нашето регулаторното тело и еве 8 месеци чекаме одговор. Законот дозволува влез на домашни компании, но проблемот е што имаме институции кои не читаат закони туку се водат од праксата која ја имале 20 години наназад. И поради тоа што во минатото ова било дозволено само за странски компании и немале ваква пракса, не постапуваат,“ појасни Деспотовски.
Тој посочи дека домашните компании имаат ист пристап до финансиска поддршка од државата која досега ја искористиле над 900 домашни компании, како и дека минатата година вкупните средства исплатени кон домашните компании биле повисоки споредно со странските, но ги разбира очекувањата на домашните компании во однос на Зоните.
„Проблемот е што се додека имаме ситуација во која две три институции во јато од стотина се обидуваат да истуркаат промени, а педесет го кочат процесот не можеме да одиме напред,“ рече Деспотовски.