Остварена средба со претставници на компанијата Текнопанел

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски оствари средба со претставници на турската компанија Текнопанел. На средбата се разговараше за инвестицијата во ТИРЗ Скопје 1, вредна 16 милиони евра, која ќе отвори 120 нови работни места, со очекуван вкупен извоз од над 170 милиони евра во следните 10 години.

„Посветени сме на создавање поволна бизнис клима и обезбедување на сите неопходни услови за успех на странските инвеститори во нашите технолошко-индустриски развојни зони. Сигурен сум дека соработката со Текнопанел ќе биде пример за тоа како може да се постигне значаен економски развој преку стратешки инвестиции. – истакна Димовски.

„Инвестицијата во Македонија е стратешки важен чекор за Текнопанел и претставува прва инвестиција надвор од Република Туркије. Уверени сме дека ова партнерство ќе донесе големи придобивки за двете страни. Новата инвестиција ќе внесе значајна додадена вредност во економијата на Македонија. Стратешката локација на оваа земја, која се наоѓа во срцето на Европа, е од големо значење за исполнување на целта за дистрибуција на нашите производи на европскиот пазар. Дополнително, соработката со локалните компании и ангажирањето на квалификувани луѓе ќе придонесат за успешноста на Текнопанел.“ – изјави Орхан Кахвеџи, генерален директор на компанијата.

„Текнопанел“ е реномирана компанија со долгогодишно искуство во производството на термоизолациони панели. Нивната инвестиција во ТИРЗ Скопје 1 е потврда за атрактивноста на нашите технолошко-индустриски развојни зони и нивниот потенцијал за привлекување странски инвеститори.