Директорот Гоце Димовски одржа успешна средба со турската компанија Шахтерм

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, одржа средба со претставници на турската компанија „Шахтерм“, која за прв пат ќе инвестира во својот прв производствен капацитет надвор од Република Турција, со изградба на објект во ТИРЗ Скопје 2. Во рамки на средбата, се разговараше за тековните и идни планови на компанијата, како и можностите за понатамошна соработка и инвестиции.

Компанијата „Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција. Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.

Директорот Димовски ја истакна важноста на оваа инвестиција, нагласувајќи дека отворањето на нови работни места е клучен фактор за економскиот развој на Македонија.

„Горди сме што компанија како Шахтерм ја избра Македонија за својата прва инвестиција надвор од Турција. Ова не само што докажува за поволностите кои ги нуди нашата земја за инвеститорите, туку и значително ќе придонесе кон создавање на нови работни места. Заедно со новата влада посветено создаваме поволна инвестициска клима, сѐ со цел привлекување на нови стратешки инвестиции.“ – изјави Димовски.

Претставниците на „Шахтерм“ изразија особено задоволство за средбата, надевајќи се на уште поуспешна соработка.

„Изградбата на новиот производствен капацитет во ТИРЗ Скопје 2 е од стратешко значење за нашата компанија. Нашата посветеност кон квалитетот и иновациите, ни овозможи да се позиционираме меѓу водечките компании во оваа индустрија на глобално ниво. Инвестицијата во Македонија е стратешки чекор кон зајакнување на нашето присуство на европскиот пазар, а воедно и клучен елемент во мисијата за глобално проширување.“ – истакна Фарук Шахин, главен извршен директор на Шахтерм.

Во текот на средбата, се дискутираше и за центарот за истражување и развој, кој ќе биде составен дел од новиот објект. Овој центар ќе има клучна улога во поттикнувањето на иновациите и унапредувањето на технолошките капацитети на компанијата, сѐ со цел зајакнување на конкурентноста на глобалниот пазар.