Одржана успешна средба со претставници на ВИК Македонија

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски денес одржа официјална средба со претставници на фабриката ВИК Македонија. Со цел зајакнување на соработката, средбата опфати дискусии околу тековните и идни планови на компанијата, како и можностите за понатамошни инвестиции.

На средбата, директорот Димовски ја истакна важноста на привлекувањето на странски инвестиции како клучен двигател на економскиот раст и развој на Македонија.

„Нашата главна цел како државна институција е да создадеме поволни услови за бизнисите кои работат во, а и надвор од зоните, обезбедувајќи поволни услови за работа, развој на инфраструктурата, како и постојана соработка. Германската групација ВИК, со својата фабрика во ТИРЗ Прилеп е одличен пример за компанија која допринесува за стабилен и одржлив раст на целата македонска економија.“ – изјави директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски.

Претставниците на ВИК изразија особено задоволство за средбата, надевајќи се на понатамошна успешна соработка.

„Групацијата ВИК е посветена на одржување на високите стандарди и квалитет на своите производи, стремејќи се да ги задоволи потребите на нашите клиенти ширум светот. Со присуство во Германија, Кина и Индонезија, фабриката во Македонија игра клучна улога во глобалната стратегија на ВИК, овозможувајќи зголемување на производствените капацитети, како и обезбедувајќи брз и ефикасен пристап до европските пазари.“ – истакна Димитар Аневски, управител на ВИК Македонија.

Групацијата ВИК е германска семејна компанија основана во 50-тите години од минатиот век, која произведува и дизајнира електронски производи и компоненти за производи за водечки светски брендови во индустријата. Компанијата развива најсовремени решенија кои не само што ги подобруваат животите на клиентите и крајните корисници, туку и имаат позитивно влијание врз планетата, екосистемите и општеството.