Остварена средба со компанијата ЈАГЕО-КЕМЕТ, новата потенцијална инвестиција во Македонија

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, оствари средба со претставници на водечката мултинационална компанија Кемет, која е во сопственост на ЈАГЕО, која треба да инвестира во производствени капацитети во некоја од технолошко индустриските развојни зони.

На средбата се разговараше за идните планови за инвестиции на корпорацијата, со што беше нагласена важноста на истите за иднината на Македонија.

Директорот Димовски, истакна дека оваа инвестиција претставува значителен придонес кон економскиот развој на земјата и ја потврдува стратешката улога на Македонија како атрактивна дестинација за странски инвестиции.

„Горди сме што ја избравте Македонија во конкуренција со останатите држави од регионот и пошироко како локација за проширувањето на своите операции. Оваа инвестиција е показател за стратешката улога на Македонија како атрактивна дестинација за странските инвеститори. Истата не само што ќе донесе нови работни места, туку ќе придонесе и за целокупниот раст и развој на државата.“ – изјави Димовски.

Од страна на претставниците на Кемет, беше изразено особено задоволство за средбата, надевајќи се на успешна понатамошна соработка, а Андреас Мејер ја потенцираше важноста на овој проект.

„Оваа инвестиција претставува важен чекор во проширувањето на глобалните активности во Европа, а во своите нови погони, ќе се произведуваат електро-компоненти за најразлични индустрии. Македонија нуди одлични услови за инвестирање, а стратешката локација и квалификуваната работна сила се клучни фактори за нашето присуство тука. Со новата потенцијална инвестиција, значително ќе се зајакне нашето присуство на европскиот пазар, создавајќи можности за нови партнерства и иновации.“ – истакна Андреас Мејер, главен во оперативниот сегмент.

Основана во 1977 година, корпорацијата Јагео е компанија со глобално признание за производство на електронски компоненти, особено во областа на чип-отпорници и тантал кондензатори, кои се користат во авионската и автомобилската индустрија, 5G телекомуникациите, медицината, управувањето со енергија и зелената енергија. Во моментов, Јагео се рангира како светски број 1 во чип-отпорници и тантал кондензатори, како и број 3 во MLCCs и индуктори, со силно глобално присуство – 29 продажни канцеларии, 51 производствена локација, 20 центри за истражување и развој во 25 земји и 40.000 вработени ширум светот.