Успешна средба со трговскиот советник од Амбасадата на Република Турција

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски денес оствари средба со трговскиот советник од Амбасадата на Република Турција во Република Македонија. Средбата главно опфати дискусии околу зајакнувањето на економските врски меѓу двете земји, како и можностите за нови инвестиции на турски компании во зоните.

Директорот Димовски искажа задоволство за долгогодишната и стабилна соработка помеѓу двете земји, потенцирајќи ја посветеноста на новата влада и дирекцијата за ТИРЗ како институција која континуирано работи за подобрување на бизнис климата во Македонија.

„Турција претставува важен стратешки партнер на Македонија, земајќи ја предвид долгогодишната соработка и успешните инвестициски проекти кои директно придонесуваат за економскиот раст и развој на државата. Заедно со новата влада активно работиме за уште поповолни услови за инвеститорите кои со себе ќе донесат нови вработувања и економска стабилност.“ – кажа директорот Димовски.

Трговскиот советник од Амбасадата на Република Турција, кој ги претставува интересите на турските компании во земјава, ја нагласи важноста на поддршката од македонската влада и институциите како клучен фактор за успехот на инвестициските проекти.

„Македонија, како стабилна и атрактивна дестинација за инвестирање е наш клучен партнер од регионот на Западен Балкан гледајќи ја географската положба и поволностите кои истата ги нуди. Очекуваме и во иднина ова партнерство да продолжи да се развива со истото темпо, зајакнувајќи ги билатералните односи меѓу двете земји.“ – истакна Синан Танриоген.

Оваа средба претставува уште еден дел од новиот концепт на дирекцијата за ТИРЗ, кој се темели на континуирана и отворена соработка со компаниите и институциите.