Остварена посета на производствениот погон на Вабтек во Скопје, новиот потенцијален инвеститор во ТИРЗ

Во рамки на концептот за континуирана и директна соработка со постојните и потенцијални инвеститори, денес директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски оствари посета на производствениот погон на Вабтек во Скопје, новиот потенцијален инвеститор во ТИРЗ.

Вабтек е еден од најголемите извозници од Македонија, односно водечки светски снабдувач на опрема, системи, дигитални решенија и услуги со додадена вредност за товарниот и транзитниот железнички сектор и има повеќе од 150 години искуство. Компанијата произведува делови за локомотиви, товарни вагони, патнички возила и опрема за производство на електрична енергија.

При посетата директорот Димовски ја нагласи важноста на ваквите стратешки партнерства кои постојано треба да се надоградуваат.

„Земајќи предвид дека Вабтек е новиот потенцијален инвеститор во ТИРЗ, гордо и посветено работиме за да ја обезбедиме сета потребна поддршка, градејќи стратешки партнерства. За нас како институција е од голема важност директно да размениме информации со компаниите и да ги разгледаме нивните потреби и предизвици со цел да им обезбедиме најдобри услови за работа и понатамошен развој.“ – кажа директорот Димовски.

Од страна на Паоло Босио, генерален директор во Скопје, беше изразено задоволство за посетата која претставува чекор поблиску до зацврстување на соработката, како и остварување на долгорочните инвестициски планови на компанијата во Македонија.

„За нас, како компанија која има долга историја и глобално присуство, поддршката од институциите како ТИРЗ е клучна за нашето понатамошно проширување и успех. Нашата одлука за потенцијалната инвестиција во ТИРЗ, како дел од проширувањето на глобално ниво, произлезе токму поради атрактивноста на Македонија како дестинација, но и поради довербата во македонската влада и институции кои посветено работат на создавање поволна инвестициска клима.“ – истакна Паоло Босио.