Средба Димовски- Стојчевски: Компанијата ВДЛ Ван Хоол Македонија продолжува успешно да работи како дел од холандската Групација ВДЛ

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски денес одржа работна средба со генералниот директор на компанијата ВДЛ Ван Хоол Македонија, Аврам Стојчевски. На средбата, се разговараше за тековните активности и идните плановина компанијата, како и можностите за нови инвестиции.

„Главната цел за нас како институција, како и целта на новата влада е долгорочен раст и економски успех на Македонија, а компаниите како ВДЛ Ван Хоол Македонија се клучни партнери во постигнувањето на оваа цел. Продолжуваме со создавање нови можности и поволности за сите инвеститори, сѐ со цел да привлечеме нови вложувања, да го зголемиме бројот на работни места, како и да ја зајакнеме конкурентноста на Македонија како држава.“ – истакна директорот Димовски.

Генералниот директор, Аврам Стојчевски изрази особено задоволство од средбата и изрази очекување за успешна понатамошна соработка.

„Инвестицијата на Ван Хоол во Македонија  е успешна веќе 12 години. Оваа година компанијата доби нов сопственик и стана дел од холандската Групација ВДЛ, станавме дел од групација која ја сочинуваат над 100 успешни високо технолошки компании“, истакна Стојчевски.  „Како извозник учествуваме со значителен удел во економијата на земјава, но познати сме и како голем работодавач со оглед на тоа што вработуваме околу 1350 работници.  Покрај тоа, фактот што сме партнери на повеќе од 20 домашни фирми говори за нашата долгорочна посветеност кон развојот и градењето на стабилни деловни односи кои дополнително ќе придонесат како за успехот на ВДЛ Ван Хоол Македонија, така и за економскиот напредок на земјава.“ посочи тој.

Белгиската компанија Ван Хоол во јули 2012 година го потпиша договорот за инвестирање во Македонија, при што ова беше првата стратешка инвестиција во производствен капацитет на компанијата во регионот. Во март оваа година компанијата отиде во стечај, а делот за производство на автобуси, вклучително и производствениот погон во Скопје, беше целосно преземен од страна на холандската Групација ВДЛ. Производството на патнички автобуси продолжува во фабриката во ТИРЗ Скопје 2 во Бунарџик, и тоа главно за пазарите на САД и Канада.