Димовски: активно работиме на целокупниот национален економски раст и развој преку сериозна поддршка на сите компании

По повод една година успешна работа на Владата, денес се одржа прес-конференција во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Од страна на министерот Тимчо Муцунски и директорот на дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски беа презентирани клучните резултати и достигнувања во изминатите 12 месеци, како и стратешките приоритети за наредниот период.

Димовски ја посочи успешната работа на Дирекцијата за ТИРЗ земајќи ги предвид досегашните реализирани и договорени нови инвестиции, со вкупна вредност од над 280 милиони евра и 2900 нови работни места. Воедно, тој информираше и за четири нови мултинационални компании кои веќе имаат донесено интерна одлука за инвестирање во рамки на ТИРЗ.

„Во периодот од јули 2024 до јуни 2025 година во ТИРЗ реализиравме инвестиции во вредност од повеќе од 190 милиони евра кои ќе креираат 2000 нови работни места. Договорени се четири нови инвестиции со вредност од над 90 милиони евра кои ќе креираат нови 900 работни места и кои значително ќе го зголемат извозот од Македонија. Воедно, четири мултинационални компании веќе имаат донесено интерна одлука за инвестирање во ТИРЗ, со што вкупната вредност на овие инвестиции се очекува да биде над 150 милиони евра со нови 1300 вработувања. Во рамки на зоните реализиравме и капитални инвестиции во вредност повеќе од 7.7 милиони евра, што претставува значаен чекор напред во подобрување на инфраструктурата и условите за работа на сите инвеститори.“ – кажа Димовски.

Во однос на сериозниот пристап на оваа влада во делот на привлекување на странски инвестиции тој додаде за новата инвестиција надвор од зоните на мултинационалната компанија ЛЕАР која подолг период работи во ТИРЗ. „Се работи за инвестиција во износ од 11 милиони евра, од областа на услужните дејности, која ќе вработува повеќе од 200 високо образовани лица и која преставува прва ваква странска инвестиција од оваа област во историјата на независна Македонија.“ – додаде тој.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, заедно со дипломатската мрежа, водеше активна, динамична и ефективна политика. „Во периодот од конституирањето на Владата до денес, со ново поставените цели и приоритети на Владата и МНРНТ, постигнавме суштинско редефинирање на македонската надворешна политика – проширена и со портфолиото на надворешна трговија“, истакна министерот Тимчо Муцунски.

Клучен чекор во оваа насока беше донесувањето на новиот Закон за надворешни работи. „Со овој закон го зголемивме задолжителниот процент на професионални амбасадори, ги подобривме условите за работа на дипломатите, ги презедовме надлежностите во делот на надворешната трговија и воспоставивме јасна законска рамка за улогата на законодавниот дом во меѓународните односи“, нагласи Муцунски.