Директорот Димовски дел од италијанско-македонскиот бизнис форум
Директорот Гоце Димовски денес учествуваше во панел дискусија на италијанско-македонскиот бизнис форум во организација на Амбасадата на Република Италија во Скопје во соработка со Италијанската трговска агенција – ITA (Italian Trade Agency) и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија.
Форумот претставуваше важна платформа за презентација на бизнис можностите во клучни стратешки сектори како што се инфраструктурата, енергетската транзиција и циркуларната економија, дигитализацијата и технолошките иновации, финансиските инструменти за поддршка на инвестициите, како и можностите кои ги нудат ТИРЗ.
Воведно обраќање имаше министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и заменик-министерката за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Марија Триподи.
„Економската политика е еден од клучните стратешки приоритети на нашата Влада, и изразив уверување дека ние, како институции, сме вистински партнери на компаниите – подготвени да понудиме целосна поддршка и да го олесниме процесот на реализација на нивните деловни планови и идеи.“ – истакна Муцунски.
Димовски како дел од панел дискусијата „Технолошки иновации (Агро-тех и индустрија 5.0)“ успешно ги претстави поволностите кои ги нудат ТИРЗ за странските инвеститори.
„Инвеститорите во зоните имаат пристап до најсовремена инфраструктура, со што се намалуваат дополнителните трошоци со цел брзо започнување на деловните активности. Покрај тоа, се нудат различни стимулации во областа на државната помош, нудејќи стандардна и флексибилна структура, врз основа на анализа на бизнис планот. – кажа Димовски.
Во однос на очекувањата од страна на потенцијалните инвеститори од Италија, тој посочи: „Можам слободно да гарантирам за целокупна поддршка од нас како институција, како и од целата Влада и останатите институции. За ова говори и високата оценка која ја добивме од страна на корисниците на зоните која изнесуваше 4.48 од вкупно 5, земајќи предвид и дека веќе постојат италијански компании кои успешно функционираат во рамки на ТИРЗ.“
На настанот присуствуваа бројни владини претставници, како и бизнис делегација од 40-тина италијански компании и финансиски институции. Целта на настанот беше промоција на билатералната соработка, размената и инвестициите, при што беа одржани и Б2Б и Б2Г средби.