Успешна средба со Ал Мухари, заменик извршен директор на инвестициската компанија Мубадала од Абу Даби

Директорот Гоце Димовски како дел од владината делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, а во состав од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и Игор Јанушев, генерален секретар на Владата, денеска во Абу Даби оствари средба со Валид Ал Мокараб Ал Мухари – заменик извршен директор на Мубадала – инвестициска компанија од Обединетите Арапски Емирати.

На средбата се разговараше за потенцијалната соработка, при што беа презентирани условите што ги нуди Македонија на странските инвеститори, како и потенцијалните можности за инвестиции во делот на технологијата, туризмот, инфраструктурата и земјоделието.

Димовски од своја страна ги презентираше поволностите кои ги нудат Технолошките Индустриски Развојни Зони, земајќи ја предвид одличната геостратешка положба на Македонија која на инвеститорите им нуди предност во регионот и директно поврзување со пазарите во Централна Европа. Беше потенцирана и квалитетната работна сила, како и големата модернизација и поволност на моделот на работа на зоните.

Оваа средба претставува голема можност за отворање на нови перспективи меѓу двете земји, особено во делот на стратешките инвестиции и размена на знаења и иновации, што ќе донесе додадена вредност за двете земји.

Инаку, Мубадала е државна инвестициска компанија со седиште во Абу Даби, која работи на шест континенти во различни сектори со портфолио од 302 милијарди долари. Надвор од ОАЕ, компанијата има канцеларии и во Лондон, Москва, Њујорк и Пекинг.