АНАЛИЗА НА ЕФЕКТИ ОД ИНВЕСТИЦИИ ВО ТИРЗ: КОМПАНИИТЕ ВО ТИРЗ РАСТАТ, ИМА ПОТЕНЦИЈАЛ ЗА ПОГОЛЕМА ДОБИВКА ЗА ГРАЃАНИТЕ И ДРЖАВАТА

​​​​ТИРЗ изготви анализа на ефектите од странските вложувања во технолошко индустриските развојни зони во изминатите 10 години. Анализата што се прави за првпат, опфаќа повеќе параметри, како вкупни приходи, број на вработени, продуктивност, плати, уплати во буџетот, нето приходи, и поврат на инвестиции.

„За првпат имаме реални бројки кои ни покажуваат какви се ефектите од странските вложувања за земјата врз база на кои може да градиме реални политики. За првпат изготвена ваква анализа треба да ни покаже каде сме, што е постигнато до сега и да биде основа за идната развојна македонска економија,“ изјави Јован Деспотовски директор на ТИРЗ.

Анализата покажува дека сите компании кои се активни во зоните оствариле континуиран раст во изминатава декада и постојано растат. Раст има и на бројот на работни места, платите и уплатите во Буџетот на државата, посочи Деспотовски.

Првичните бројки од анализата покажуваат дека вкупните приходи на компаниите во ТИРЗ во изминатата декада достигнуваат 875 милијарди денари и бележат просечен годишен пораст од 16%.

Се регистрира и континуиран раст на бројот на вработени и на платата, особено по 2017 година. Во периодот 2010 – 2016 година просечната плата во ТИРЗ изнесува 21.700 денари, додека во периодот 2017 – 2020 година нето платите во просек достигнуваат 28.686 денари. Дополнително, просечниот број на вработени во ТИРЗ во 2020 е 106% повисок од просечниот број на вработени во 2016.

Анализата покажува и континуиран пораст на продуктивноста на трудот со просечна годишна стапка од 55%. Во периодот до 2016 година, динамиката на пораст на продуктивноста е значително над растот на платите, додека во периодот по 2017 година трендовите се менуваат со подинамичен раст на платите.

Според анализата, Буџетот на државата во досегашниот период остварил близу 11 милијарди денари приходи по различни основи од компаниите во ТИРЗ. Најголем годишен пораст на приходите во Буџетот е регистриран во 2017 година, и тоа за 327% во однос на предходната. Во 2020, компаниите во ТИРЗ уплатиле над 2,4 милијарди денари во државната каса на име придонеси од задолжително социјално осигурување, трошоци за даноци на плати и надоместоци на плата и данок на добивка. Тоа е речиси четирикратно зголемување во однос на 2016 година.

Целта на анализата е да се поттикне дискусија со академската и деловната заедница, од која натаму ќе произлезат и конкретни заеднички заклучоци и насоки за креирање на новите политики во делот на поттикнување на инвестициите. Дирекцијата за ТИРЗ, заедно со други ресори во Владата ќе иницира и изготвување на нова методологија на доделување на државната помош, во која ќе се опфати и новиот концепт на работење што веќе се пилотира во тековните разговори за нови инвестиции.

„Дирекцијата за ТИРЗ започнува нов концепт на комуникација со потенцијалните инвеститори, во кој централно место има пораката Растеме заедно, базирана на бројките што денес ги презентираме. На сите инвеститори им нудиме можности, но и минато искуство на раст и развој. Македонија повеќе не е земја на евтина работна сила“, изјави Деспотовски на денешната презентација.

За да ја симнете презентацијата кликнете овде.