АНКЕТА: СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ СО ПОЗИТИВНА ОЦЕНКА НА УСЛУГИТЕ ОД ТИРЗ
Странските инвеститори позитивно ги оценуваат услугите и комуникацијата со Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ) покажува Анализата на мерење на задоволство на корисниците на ТИРЗ која е спроведена за првпат.
Просечна средна оценка за ТИРЗ добиена од сите корисници е 4,42 од 5. Компаниите највисоко го вреднуваат навремено споделување на информации и точноста на информациите кои ги дава институцијата. Истовремено, висока оценка од 4,61 е дадена и за знаењето, вештините и способноста на вработените, додека деталното постапување по барањата е оценето со 4,4. Во однос на брзината на постапување по доставено барање, корисниците на ТИРЗ даваат просечна средна оценка 4.
Анализата е спроведена во рамки на процесот на сертификација на работењето според меѓународните ИСО стандарди. Резултатите од оваа анализа даваат насока за натамошно унапредување на услугите и работата на Дирекцијата. Во рамки на ИСО процесот, ТИРЗ спроведува и сертификација и за ISO 37001:2017, меѓународен стандард кој се применува за воспоставување и имплементација на системот за справување со корупција. Воведувањето ИСО стандардизацијата ги вклучува и вработените, ангажираните лица во ТИРЗ и други лица поврзани со институцијата во спроведување на активности поврзани со навремено препознавање и спречување на мито и корупција, како и унапредување на процесот на работа на Дирекцијата.
ТИРЗ постојано работи на механизми за унапредување на услугите за компаниите. Пред една година е воведен и нов систем за грижа на корисници, таканаречен „Систем на една точка“ чија цел е обезбедување поедноставен пристап до услугите за компаниите и персонализирана поддршка за нивните барања и потреби во фазата на пред и пост-инвестициските активности. Системот опфаќа три столбови – пристап до услуги од ТИРЗ, пристап до услуги од други државни иституции и поврзување со субјекти на локалните пазари. Во 2021 година, во рамки на овој систем вкупно се процесирани над 700 барања од корисниците на услугите на ТИРЗ.
Процесот на сертификација и имплементација на ИСО стандарди започна пред седум месеци и се очекува да биде комплетиран до крајот на април 2022 година.