БЕЛГИСКАТА „ВАН ХОЛ“ ЌЕ ИНВЕСТИРА НОВИ 15 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ТИРЗ СКОПЈЕ 2

Белгиската компанија за производство на автобуси „Ван Хол“ ќе инвестира уште 15 милиони евра во постојниот производствен капацитет во ТИРЗ Скопје 1 во наредните четири години и најави отворање на дополнителни 400 работни места. Изградбата на објектот ќе почне следниот месец.

Договорот за реализација на втората инвестициска фаза го потпишаа денеска дирeкторот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо и Филип Ван Хол, сопственик на белгиската компанија.

Во првата фаза во текот на годинава според најавите ќе се изгради нов магацин и ќе се прошири производниот оддел за фарбање. Во втората фаза, во 2017/2018 година постоечките четири производни линии ќе бидат удвоени. Како резултат на тоа, производствениот капацитет се најавува да биде зголемен на 900 возила годишно наместо сегашните 500. За таа цел во наредниот период, како што најави сопственикот Ван Хол, ќе бидат ангажирани уште 400 работници, а до 2019 година вкупниот број на вработени во „Ван Хол“ во Македонија да достигне 1.250. Со проширувањето, како што информира Ван Хол, капацитетите на фабриката ќе достигнат 72 илјади метри квадратни.

– Планираме продолжување со инвестициските активности и сакаме да почнеме да произведуваме автобуси покрај за САД и ЕУ, и за Израел за што се во тек разговори за постигнување договор, рече Ван Хол.

Вкупната инвестиција на Ван Хол од почетокот со работа во Македонија пред две години и првично најавените 13 милиони евра кои подоцна во првиот производствен капацитет изнесуваат 20 милиони евра, во наредните четири години, ќе достигнат над 40 милиони евра.