ВАН ХООЛ ЌЕ ГРАДИ НОВА ФАБРИКА ЗА АВТОБУСИ ВО ТИРЗ СКОПЈЕ 2

Една од најголемите белгиски компании „Ван Хоол НВ“ и формално го потврди нејзиниот инвестициски проект во Македонија.

На парцела од 14 хектари во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 2, Ван Хоол ќе гради нов погон за производство, скопување и сервисирање на автобуси. Оваа фабрика иницијално ќе произведе 300 автобуси за американскиот пазар. Инвестицијата изнесува околу 20 милиони евра и се очекува да бидат отворени до 500 нови работни места.

По направена детална физибилити студија, менаџментот на компанијата потврди дека во Македонија ги нашле вистинските услови потребни за градење на нова фабрика во која ќе ги произведат нарачаните автобуси за американскиот пазар.

Ван Хоол произведува околу 1400 автобуси и 4000 комерцијални возила годишно од кои 80% се извезуваат надвор од Белгија. Со преку 4000 вработени, Ван Хоол претставува главен производител на автобуси во Европа, нудејќи комплетен опсег на автобуси за јавен транспорт за меѓународниот пазар, од 9-метарски средни автобуси па се до 25-метарски дупли автобуси со низок под. Ван Хоол има изградено 60-годишна репутација за дизајнирање и производство на високо-квалитетни и модерни производи како и производи според барањата на клиентите.