ВО ТИРЗ ПОСТАВЕН КАМЕН-ТЕМЕЛНИК НА ФАБРИКАТА „ХАЈ-ТЕК“, ПРВА ДОМАШНА ИНВЕСТИЦИЈА

Скопје, 17 февруари 2016 (МИА) – Во Бунарџик денес е поставен камен-темелник на првата домашна инвестиција – фабриката на македонската компанија „Хај-тек асембли центар“.

Инвестицијата, вредна 20 милиони евра, ќе отвори преку 300 работни места, а ќе се реализира во две фази. Првата е проектирана на 6 милиони, a втората на 14 милиони евра.

Во првата фаза ќе биде изградена фабрика со површина од 5.400 метри квадратни која ќе стартува со работа наесен и ќе вработи 100 лица.

– Новата фабрика ќе биде врв на техничко-технолошките достигнувања во Македонија и ќе обезбеди работа за преку 300 луѓе. Со производството на најсофистицирани електронски компоненти, ќе учествуваме во светот на нанотехнологиите. На тој начин значајно ќе придонесеме во зголемувањето на македонскиот извоз, истакна сопственикот на „Хај-тек асембли центар“ Саво Станковиќ.

„Хај-тек“ лани реализираше извоз од десетина милиони евра. Нејзините производи наоѓаат широка примена во автомобилската, во авионската и во воената индустрија, како и во производството на медицинска опрема. Клиенти на оваа македонска компанија се големи светски брендови како „Континентал“, „Сименс“, „Бош“, „Филипс“… Моментално во компанијата работат 180 лица, а со отворањето на новиот погон бројката ќе достигне вкупно 480.