ДЕСПОТОВСКИ: „ВИСОКИТЕ ПЛАТИ СЕ НАШ ПРИОРИТЕТ – НЕ ПРОДАВАМЕ ЛУЃЕ ТУКУ ДОБРА ИНВЕСТИЦИСКА КЛИМА“

Креираме инвестициска клима во која инвеститорите може добро да заработат и кога добро ќе ги платат работниците, а со новиот концепт на привлекување на инвестиции покажавме дека знаеме да го искористиме потенцијалот и на постојните и на новите странски инвеститори, изјави Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони во гостување на Телевизија 24.

“Ние не продаваме луѓе туку добра инвестициска клима. За разлика од тоа што приоритет во политиката на претходната влада било да не се грижат толку за луѓето туку само да поттикнуваат отворање на ниско платени работни места, нашиот приоритет е нашите сограѓани да бидат добро платени за да имаат достоен живот. Анализите и бројките покажуваат дека успеваме во тоа,“ рече Деспотовски.

Тој нагласи и дека заклучно со август 2021 извозот во периодот јануари-август годинава за разлика од 2019 година, е пораснат за 11% и според прогнозите до крајот на годинава може да се очекува рекорден извоз.

„Има ризици од глобалните предизвици, ги следиме трендовите, но имаме 7,3% повисока вработеност во зоните со истиот месец минатата година. Можеби во одредени капацитети има предизвици, но генерално гледано економијата во зоните веќе достигна 2.1 милијарди евра за осум месеци, што значи дека сме на добар пат да го пробиеме плафонот од 3 милијарди евра извоз годишно, што ќе биде апсолутен рекорд наназад 15 години,“ вели Деспотовски.

Во однос на капиталните инвестиции Деспотовски нагласи дека кога се зборува за бројки треба да види што стои зад тие бројки.

„Ако споредуваме бруто инвестиции во времето на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ има голема разлика, бидејќи претпоставувам дека тогашната власт и проектот „Скопје 2014“ го сметаше за капитална инвестиција. Ако изброиме стиропор и продуктивните инвестициите што ги правиме сега нема споредба. Треба да видиме што е во позадина на бројките. Тогаш веројатно била добра реализацијата на капиталните инвестиции бидејќи се брзало, но сега ги плаќаме последиците од тоа што не се работело како што треба, како што излезе дека на автопатот Кичево-Охрид, се направени бројни пропусти “, кажа Деспотовски.

Деспотовски додаде дека наназад 30 години не е изграден соодветен капацитет во институциите за висока реализација на капитални инвестиции.

„Со новиот концепт на Delivery unit промовиран неодамна и од претседателот на владата Зоран Заев со помош на проектни единици составени од надворешни експерти можеме бројките и реализацијата на клучните капитални инвестиции значително да ги зголемиме,“ изјави Деспотовски.