ДЕСПОТОВСКИ НА СРЕДБИ СО СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ -НАЈАВЕНИ НОВИ ИНВЕСТИЦИИ И ПОВИСОКИ ПЛАТИ

Проширување на инвестициите, нови механизми за државна поддршка за зголемување на продуктивноста и повисоки плати за вработените, како и нововедениот систем за Грижа за корисници – таканаречен “Систем на една влезна точка“ беа во фокусот на разговорите на директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и компании во ТИР зоните во Кичево, Охрид и Струга.

Деспотовски пред инвеститорите, Костал, ОДВ Електрик и Џојсон Сејфти Системс го презентираше новиот концепт во работењето и новиот начин на државна поддршка. Со посебни механизми кои ги развива ТИРЗ целта е да се поттикнат инвеститорите што побрзо да ја искористат државната помош и да ги остварат зацртаните таргети, како и да се иницираат дополнителни услови што ќе овозможат реализација на нови развојни проекти. Компаниите изразија задоволство од новите предлози и истовремено најавија конкретни планови за проширување на своите производствени капацитети и повисоки плати.

„Тука сме да ги слушнеме проблемите со кои се соочуваат компаниите, но и нивните планови за нови инвестиции. Во изминатите неколку месеци имаме конкретни најави за инвестиции од 80 до 100 милиони евра, како од постоечките така и од нови фирми. Особено е позитивно тоа што компаниите работат успешно и размислуваат да ги прошируваат капацитетите. Тоа ќе значи не само нови работни места, туку квалитетни и добро платени места. Остануваме посветени како преку конкретни мерки кои веќе ги предлагаме да поттикнеме спирала за пораст на платите, рече Деспотовски.

Како еден од главните проблеми е посочена продуктивноста во производствениот процес.

-Продуктивноста е проблем децении наназад. Со компаниите разговараме како да работиме заеднички да расте продуктивноста – а тоа е еден од начините како да се поттикне раст на платите. Развивамеи посебна програма што предвидува државата преку кофинансирање да ги поддржи компаниите да спроведуваат програми за развој на вештини, што ќе поттикне раст на продуктивноста, а преку тоа и пораст на платите. Растот на платите ќе се случува, веќе се случува, но работиме на тоа да биде поинтензивно, рече Деспотовски.

Директорот на ТИРЗ најави дека веќе се имплементира инвестициски циклус од 15 милиони евра во основната инфраструктура во повеќе зони, кој за првпат е изготвен во соработка со корисниците и според нивните потреби и кој ќе резултира во создавање услови за нови инвестиции.

Директорот на „Костал Македонија“ Виктор Мизо ги поздрави ваквите средби и активности од страна на ТИРЗ кои позитивно влијаат на имплементација на идните планови и взаемно утврдување на обврските на двете страни и конкретни мерки за надминување на потешкотиите со кои се соочуваат странските фирми што имаат инвестиции во земјата.

„За нас е мошне важно да имаме здрава, добра инвестициска клима, можност за развој, задоволување на договорните обврски на државата, и тоа не само преку државна помош,“ рече Мизо.

“Костал Македонија“ планира воведување на нови производствени линии и отворање нови работни места.

„Планот е наредните неколку години филијалата во Охрид да биде една од двете најважни локации на „Костал“ групацијата во Европа. Тоа е многу позитивно и за државата, доколку се земе предвид додадената вредност на крајните производи на компанијата, со потенцијал за неколку години да се оствари годишен извоз од над 300 милиони евра и вработување на над илјада висококвалификувани вработени, рече Мизо.

Покрај Костал и ОДВ Електрик и Џојсон Сејфти, исто така најавуваат конкретни планови за проширување на производствените капацитети, воведување на нови производствени линии на производи со повисок квалитет и повисока додадена вредност како и мерки за поттикнување на засилен раст на плати. Овие три компанииза следниот период веќе најавуваат отворање на дополнителни 500 работни места, покрај сегашните 2000.

Особено позитивни се оценките за новововедениот систем за грижа на корисници кој од неодамна го имплементира ТИРЗ. Таканаречениот систем на “една влезна точка“, нуди поедноставен пристап до услугите и персонализирана поддршка. За таа цел ТИРЗ направи реорганизација на целиот систем и процедури кој вклучува единствено лице за контакт за секоја компанија како и дигитализација на услугите со цел да се скрати времетраењето на процесот на поднесување и процесирање на барања.