ДЕСПОТОВСКИ: ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА ВО ТИРЗ ЗА ПРВПАТ ПО 15 ГОДИНИ ГО НАДМИНА ПРОСЕКОТ ВО ДРЖАВАТА
Просечната плата во технолошко – индустриските развојни зони за првпат е над државниот просек што се должи и на зголемениот број на вработени и нови инвестиции, покажува првичната годишна анализа за 2021 година на ТИРЗ. Податоците во анализата укажуваат и на раст на профитот на компаниите и уплатите во буџетот, а според бројките се очекува позитивниот тренд на раст да продолжи и годинава.
„Задоволство ми е да ги презентирам бројките затоа што пред овој мој мандат, поставивме јасна цел – преку новиот концепт за поттикнување инвестиции директно да се придонесе за раст на стандардот на граѓаните. Така за прв пат во изминатите 15 години просечната плата во зоните ја надмина просечната плата во националната економија. Растот на платите се должи на ангажманот на компаниите и на реализација на дел од новите инвестиции,“ истакна директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски на прес-конференција во Владата.
Тој посочи дека ваквиот позитивен тренд се должи и на новиот концепт на ТИРЗ и модифицирање на мерката за креирање работни места која сега се врзува со одредено ниво на плати и пораст на плати, како и на можноста компаниите да користат поддршка за вештини на вработените. Исто така во 2021 година е достигнато највисоко ниво на просечен број на вработени во ТИРЗ од 13.650 коe е за 5% повеќе во однос на 2020 година. Вкупно 22 компании од ТИРЗ бележат зголемување на бројот вработувања, седум намалување, а пет се со ист број вработени. Во однос на приходите, 24 фирми евидентирале пораст, а осум пад.
Анализата покажува дека компаниите активни во ТИРЗ во 2021оствариле највисок ниво на приходи, над 156 милијарди денари што е за 15,6% повеќе од 2020, и за 5% од претпандемиското ниво, а е регистриран и пораст на инвестициските активности. Според Деспотовски ова покажува де ка „економијата, особено во Зоните, успешно ја надмина корона кризата и глобалната криза во снабдување со микрочипови и енергетската криза.“
Презентирајќи ја годишната анализа за економските активности во зоните, Деспотовски информира дека вкупно исплатената државна помош за ТИРЗ лани била речиси 732 милиони денари, додека вкупните уплати од компаниите во Буџетот само по основ на данок на плати и надоместоци, како и социјални осигурување изнесувале речиси 2 милијарди денари.
„Соодносот на уплатите од компаниите и исплатите од буџетот покажува дека компаниите во зоните уплаќаат од 2,7 пати до 5 пати повеќе од тоа што го добиваат од буџетот. Не се расфрламе со парите на граѓаните, туку со домаќински пристап и посебни мерки заедно со компаниите креираме поволна бизнис инвестициска клима и се грижиме бенефитите да бидат еднакви за сите,“ рече Деспотовски и додаде дека очекува овие позитивни трендови и покрај глобалните случувања и економска криза, да продолжат и годинава.
Деспотовски информира и дека привршуваат разговорите со голема канадска компанија која е веќе присутна во земјава, а планира значително да ги прошири капацитетите.
„Има и неколку нови договори од оваа година кои се во завршна фаза и кои набрзо очекувам да ги презентираме како нови инвестиции. Но, од постојните компании немаме никаква најава за затворање“, напомена директорот, одговорајќи на новинарски прашања откако претходно ја презентираше анализата за ланските економски активности и резултати во зоните.
Според Деспотовски, ситуацијата со војната во Украина внимателно се следи и засега нема потреба од дополнителни државни интервенции во овој сегмент. Но, доколку се укаже потреба, ќе се преземат соодветни мерки.