Директорот Гоце Димовски ги претстави инвестициските можности пред словенечка делегација

Во рамки на словенечката деловна делегација денес во Стопанската комора се одржа деловен настан каде директорот Гоце Димовски ги претстави инвестициските можности кои ги нудат ТИР зоните. Настанот беше отворен од Грегор Прескер – Амбасадор на Словенија, Војдан Јорданов од здружението на словенечки и македонски стопанственици и Билјана Пеева-Ѓуриќ, оперативен директор за претставување на членките и вмрежување.

Во своето обраќање, директорот Димовски ги истакна конкурентните предности на државата како инвестициска дестинација, потенцирајќи ја поддршката што ја обезбедува Дирекцијата во соработка со Владата за инвеститорите. Тој ги презентираше можности за нови инвестиции, како и поволностите за компаниите кои планираат проширување на своето работење во земјава.

Посебен акцент беше ставен на потенцијалите за соработка меѓу македонските и словенечките компании, како и на можностите за реализација на заеднички проекти. Во таа насока беше нагласено дека економските односи меѓу двете земји бележат континуиран развој, а интересот за продлабочување на деловната соработка создава основа за нови инвестиции и партнерства.

Дополнително, деловниот настан овозможи директни средби и разговори меѓу претставниците на словенечките компании и на владиниот и бизнис сектор од Македонија, со цел идентификување конкретни можности за соработка, размена на искуства и поттикнување нови инвестициски иницијативи од заемен интерес.