Директорот Гоце Димовски ги претстави инвестициските потенцијали и можности на ТИРЗ во рамки на амбасадорскиот совет
Во рамки на амбасадорскиот совет, со учество во работната сесија „Економска дипломатија“, директорот Гоце Димовски денес ги претстави инвестициските потенцијали и можности што ги нудат технолошките индустриски развојни зони. Работната сесија беше посветена на улогата на економската дипломатија во привлекувањето странски директни инвестиции, како и на значењето на дипломатско-конзуларната мрежа во промоцијата на инвестициските и економските потенцијали на Северна Македонија на меѓународно ниво.
Во своето обраќање, директорот Димовски истакна дека за успешно привлекување на нови инвестиции не е доволно само да постојат добро подготвени индустриски зони, туку е потребна и активна и координирана мрежа која инвестициската понуда ќе ја носи директно до компаниите.
„Нашиот заеднички интерес е јасен – да донесеме повеќе квалитетни инвестиции, да создадеме подобро платени работни места, да ја зголемиме технолошката содржина на економијата и да ја позиционираме Северна Македонија како конкурентна инвестициска локација во регионот и пошироко“, истакна Димовски.
Тој посочи дека дипломатско-конзуларната мрежа има исклучително важна улога во првиот контакт со потенцијалните инвеститори, препознавањето на нивните потреби и навременото вклучување на ТИРЗ во процесот. Во таа насока, Димовски нагласи дека пристапот треба да биде секторски и насочен кон конкретни компании со реален инвестициски потенцијал, наместо испраќање генерализирани материјали и понуди.
Како особено важен елемент беше истакнат и брзиот одговор кон компаниите кои ќе покажат сериозен интерес. Според Димовски, во таквите ситуации амбасадите, ТИРЗ, Владата и останатите институции треба да делуваат како еден тим, со јасно дефинирани чекори, релевантни состаноци, посети на конкретни локации и навремени одговори на техничките и правните прашања.
На крајот, Димовски порача дека целта е ТИРЗ да биде „продолжена рака“ на дипломатско-конзуларната мрежа во земјата – место каде што потенцијалниот инвеститор ќе добие конкретна понуда, брз и професионален одговор и поддршка низ целиот инвестициски процес.
Дополнително, на работната сесија беа разменети мислења и предлози за унапредување на економската дипломатија и зајакнување на соработката меѓу дипломатско-конзуларната мрежа, ТИРЗ и останатите институции, со цел создавање нови можности за привлекување квалитетни инвестиции во Северна Македонија.














