ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ ВО ЛОНДОН

Македонија е добра земја за водење бизнис, тоа најдобро го потврдува Светската банка која преку листата на Дуинг Бизнис неколку години по ред ја става Македонија на врвот на листата на реформатори и поволни бизнис дестинации, а значаен напредок забележуваме и на листата на Форбс. Во континуитет работиме на подобрување на бизнис климата и условите за работа, еднакво за домашните и странските компании, а целта е економски развој на приватниот сектор и отворање нови работни места за да се постигне двострана корист, и за менаџментот на фирмата и за стандардот на граѓаните на Македонија, порача претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски во обраќањето на Инвестицискиот форум “Обединето Кралство – Македонија“, кој се одржува во Лондон и ги покани британските компании да ја посетат и лично да се уверат во поволната бизнис клима во Македонија за таа да се најде и на нивната мапа како дестинација за водење бизнис.

Овој инвестициски форум вклучи три дискусии на следните теми: “Македонија, најновиот бизнис партнер на Европа”, “Инвестирање во инфраструктура, енергија и природни ресурси” и “Инвестирање во информатичка и комуникациска технологија”.
Македонската делегација во Лондон беше предводена од премиерот Никола Груевски кој беше придружуван од вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за економија Ваљон Сараќини, министрите задолжени за привлекување на странски инвестиции Веле Самак и Бил Павлески, директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на република Македонија Висар Фида.

На инвестицискиот форум присуствуваа преку 150 претставници на британски компании од финансискиот и банкарскиот сектор, инфраструктура, логистика и информатички технологии. Македонската делегација исто така оствари работни средби со претставници на неколку компании при што дискутираа за можностите и потенцијалите кои ги нуди Македонија како инвестициска дестинација.