КАМЕН-ТЕМЕЛНИК НА КЕМЕТ ЕЛЕКТРОНИКС ВО ТИРЗ СКОПЈЕ 1

Поставен е камен-темелник на четвртата фабрика во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1, инвестиција на американската компанија Кемет во вредност од 25 милиони евра и планирани 500 вработувања.
На поставувањето на камен-темелникот присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за економија Фатмир Бесими, амбасадорот на САД во РМ Филип Рикер, директорот на Агенцијата за инвестиции и промоција на извозот Виктор Мизо, директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Наташа Хаџи-Лега, извршниот директор на Кемет Per-Olof Loof и многу други.

– Денеска одбележуваме уште една инвестиција. Овој пат тоа е американска инвестиција на компанијата Кемет електроникс која е една од најголемите светски производители на кондензатори за разни електронски производи, како и за автомобилската, медицинската и многу други индустрии, рече премиерот Груевски обраќајќи се пред присутните.

– Знаците за раздвижувањето на македонската економија во услови на заминување на светската економска криза се се повидливи и поприсутни, а за тоа најдобро говорат последните податоци за раст на индустриското производство, растот во градежниот сектор, растот на БДП, податоците за намалување на стапката на невработеност, но и новите инвестиции, рече премиерот.

Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, реформите и мерките кои Владата на РМ ги спроведуваше за привлекување на странски инвестиции почнуваат да даваат резултати.

– Фактот што Кемет се одлучи да инвестира во Македонија е доказ дека поволностите кои ние ги нудиме се конкурентни и во глобални рамки. Нивната одлука за инвестирање е резултат на неколку месечни разговори, преговори и презентации кои јас и Агенцијата за странски инвестиции директно ги водевме со претставници на компанијата, потенцираше Пешевски.

Притоа изјави дека моментално се одвиваат преговори со уште неколку потенцијални странски инвеститори и денешниот почеток на реализација на инвестицијата на Кемет ќе послужи како одлична рефернца во овие разговори.
Извршниот директор на Кемет Per-Olof Loof изјави дека првичната инвестиција е 12 милиони евра со 200 вработувања, а доколку се успешни таа ќе достигне до 25 милиони евра и 500 вработувања.
Инвестицијата ја поздрави и американскиот амбасадор Филип Рикер. Според него формирањето на новата влада ќе биде поголема можност да се освои иднината. Тој истакна дека економскиот раст на македонската економија е цел не само на САД туку и негова лична цел и дел од Договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и САД.

Пред присутните се обратија и директорот на Агенцијата за инвестиции и промоција на извозот Виктор Мизо и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Наташа Хаџи-Лега.

Компанијата Кемет е компанија со 85-годишна историја со седиште и два ибовативни центри во Јужна Каролина, САД. Производствени објекти има во Мексико, Кина, Италија, Ангалија, Финска, Шведска, Португалија, Индонезија, Германија, Бугарија. Нивните производи се користат во многу електронски уреди, вклучувајќи ги и специјализираните уреди за индустрии од областа на авионската и автомобилската индустрија, медицинската индустрија, комуникациски системи, компјутерска и воена опрема.