МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА ПОТПИШАН СО СЛОБОДНА ЗОНА ПИРОТ

Дел од тимот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони на Република Северна Македонија (ДТИРЗ) денеска е во посета на Пирот ,Република Србија каде што потпиша Меморандумот за разбирање со Слободната зона Пирот. Овој меморандум е потпишан со цел да се официјализира соработката за формирање на најсовремен концепт на слободните зони, како и соработката во реализација на глобални проекти за подобрување на ефикасноста и безбедноста на слободните зони. Сето ова е со поддршка на Светската организација за слободни зони (WFZO), која е со седиште во Дубаи.

На состанокот беа договорени деталите поврзани со организацијата на Европскиот Самит на слободни зони кој треба да се одржи во Скопје од 2 до 4 мај, 2019 година, а во соработка со Светската организација на слободни зони (WFZO).

Меморандумот за разбирање го потпишаа директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, г-динот Александар Младеновски и д-р Драган Костиќ, претставник од Слободната зона Пирот, во просториите на Стопанската комора на Пирот. Со оваа соработка ќе се овозможи можност за проширување на мрежата на контакти со потенцијални инвеститори од целиот свет и секако продлабочување на соработката со останатите слободни зони од светот, запознавање со нивната работа, споделување на искуства за привлекување на нови инвеститори и сервисирање на постоечките инвеститори во технолошко индустриско развојните зони кај нас.

Сето ова е во правец на поефикасно работење во зоните, како и поттик за поголеми иницијативи на приватниот сектор и во двата региона, со цел да се воспостави стабилен, одржлив и долготраен економски раст.