НАЈГОЛЕМА ИНВЕСТИЦИЈА ДО СЕГА – ГЕРЕШАЈМЕР ИНВЕСТИРА ВО СЛОБОДНАТА ЗОНА СКОПЈЕ 2

Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев денеска најавија нова најголема инвестиција до сега, на германската компанија Герешајмер.

Инвестицијата е предвидена да биде во пет фази со што во првата фаза ќе бидат отворени 400 нови работни места, а ќе се вработуваат инженери, информатичари, електроинженери. Анѓушев изјави дека ова е прва директна инвестиција на Герешајмер во југоисточна Европа и тоа токму кај нас.

Извршниот директор на компанијата, Дитмар Сиемсен преку видео порака најави дека изградбата на фабриката за медицинска пластика во ТИРЗ Скопје 2 ќе започне во првата половина од годинава, а произвoдството треба да стратува во средината на наредната година. Според него, земјата е идеална локација за проширување на нивното производство, бидејќи нуди добра инфраструктура, ниски трошоци и обучен персонал, како и одлична поддршка од властите.

Германскиот Герешајмер, со седиште во Дизелдорф е глобален лидер во производство на пластичнa и стакленa медицинска амбалажа. Компанијата има производствени капацитети во 15 земји во Европа, Азија, Северна и Јужна Америка во кои работат околу 10.000 лица, а годишниот приход на компанијата во 2018 година изнесуваше 1,4 милијарда евра. Нивното сеопфатно портфолио на производи вклучува фармацевтско пакување и производи за безбедно и едноставно администрирање на лекови: пенкала со инсулин, инхалатори, микро пумпи, шприцеви што се префилтуваат, ампули за инјектирање, шишиња и контејнери за течни и цврсти лекови со системи за затворање и безбедност, како и пакувања за козметичката индустрија. Герешајмер, исто така, прави стаклени шишиња за козметички и пијалаци компании.