Остварена средба со компанијата Интекар Глобал

Директорот Димовски денес оствари средба со Рамазан Серпeтова, претставник на компанијата Интекар Глобал. На средбата беа разгледани тековните активности на компанијата, како и идните планови за  инвестиции.

Од страна на директорот Димовски беа истакнати можностите кои ги нуди ТИРЗ, моменталните позитивни движења, како и јасниот фокус на Дирекцијата кон диверзификација и поддршка на компании кои носат високо додадена вредност. Тој посочи дека заедно со Владата, се работи на понатамошно подобрување на условите во зоните, што дополнително ќе ја зголеми конкурентноста на земјата.

Рамазан Серпeтова, претставник на компанијата Интекар Глобал, изрази задоволство за остварената средба, со очекување за понатамошна успешна соработка. Тој ги претстави активностите на компанијата која веќе подолг период работи во Индустриската зона Дуброво, Неготино. Во таа насока, тој ја истакна и главната мисија на компанијата, истата да стане глобален лидер во производство на кабли, со проширување на производството и преку својата иновативност, квалитет и одржливост.

Инаку, Интекар Глобал е водечки производител во индустријата за кабли со широк спектар на производи, од нисконапонски до среднонапонски кабли, соларни кабли и специјални кабли. Компанијата е препознаена по високите стандарди за квалитет, флексибилноста во прилагодување на барањата на клиентите и силниот акцент на технолошки развој и енергетска ефикасност.