ПОСТАПКА ЗА ДОБИВАЊЕ НА РЕШЕНИЕ ПРИ ИЗГРАДБА НА ФОТОВОЛТАИЧНИ ЕЛЕКТРАНИ ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА ЗА КОРИСНИЦИТЕ НА ТЕХНОЛОШКО ИНДУСТРИСКИТЕ РАЗВОЈНИ ЗОНИ НА КРОВ ОД ЗГРАДА

Оваа постапка служи како насока за идниот инвеститор – корисник на ТИРЗ, кој е потребно да прибави одредена документација за поведување и завршување на постапката.

 

БАРАЊЕ

За добивање на Решение за поставување на опрема на кров потребно е до Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони да се достави Барање. Барањето е во слободна форма.

За изведување на градбите се поднесува Барање за изведување на градбите, односно поставување на опремата, по кое Дирекцијата за ТИРЗ издава Решение за изведување на градби односно поставување на опрема за градби за кои не е потребно издавање на одобрение за градење. Кон барањето потребно е да се достави документација

ДОКУМЕНТАЦИЈА

Апликантот ја поднесува следната документација со Барањето за добивање на Решение за поставување на опрема на кров:

  • Извод од урбанистички план или урбанистичко – планска документација со кој се потврдува објектот на кој треба да се постави панелот или имотен лист за објекгот на кој треба да се постави панелот или правосилно решение за утврдување на правен статус на објектот на кој треба да се постави панелот;

(Изводот од план го издава МТВ, административната такса изнесува 750,00 денари.)

  • Ревидиран основен проект (фаза – архитектура, фаза – градежен дел, фаза – електрика, фаза – машинство, фаза ППЗ); (Основниот проект го подготвува правно лице со Лиценца А за проектирање на градби од прва категорија, а го ревидира правно лице со Лиценца А за ревизија на градби од прва категорија.)
  • Согласност од Агенција за цивилно воздухопловство за панелите чија височина надминува 15 метри од највисоката точка на објектот на кој треба да се постават.

АДМИНИСТРАТИВНА ТАКСА

  • Доказ за уплата на административна такса на уплатница која гласи:

За поднесено барање за издавање на решение за изведување на градби, односно поставување на опрема за градби за кои не е потребно издавање на одобрение за градење, во износ од 800 денари (тарифен број 89)

 

ИЗЈАВА

  • Изјава од одговорното лице во правниот субјект заверена на Нотар, дека по инсталирањето на фотоволтаичните панели, ќе се произведува електрична енергија само за сопствени потреби.

 

Постапката се води согласно член 73 став (1) алинеја 28 и член 74 став (2) од Законот за градење („Службен Весник на Република Македонија“ бр. 130/09, 124/10, 18/11, 36/11, 54/11, 13/12, 144/12, 25/13, 79/13, 137/13, 163/13, 27/14, 28/14, 42/14, 115/14, 149/14, 187/14, 44/15, 129/15, 217/15, 226/15, 30/16, 31/16, 39/16, 71/16, 132/16, 35/18, 64/18 и 168/18) и („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 244/19, 18/20 и 279/20)

Решението за изведување на градбата, односно поставување на опремата, Надлежниот орган го донесува во рок од пет работни дена од денот на приемот на Барањето со комплетната документација, согласно член 74 став (1), (2) и (3).

Доколку доставената документација не е комплетна и не се исполнети условите за изведување на градбата односно поставување на опремата, се донесува заклучок за прекин на постапката со кој се задолжува инвеститорот да ги отстрани констатираните недостоци во рок од седум работни дена од приемот на заклучокот.

Доколку инвеститорот ги отстрани констатираните недостатоци и го дополни барањето во утврдениот рок, надлежниот орган е должен во рок од три работни дена да донесе решение за изведување на градбата, односно поставување на опремата, а во спротивно донесува решение за одбивање на барањето.

 

За да ја симнете изјавата, кликнете овде.