Претставена новата инвестиција на Џаво Отомотив која ќе се реализира во рамки на ТИРЗ Тетово

Директорот Гоце Димовски заедно со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денес ја презентираше новата инвестиција на турската компанија „Џаво Отомотив“, која ќе се реализира во рамки на ТИРЗ Тетово и претставува уште една потврда за довербата на странските инвеститори во македонската економија и поволната бизнис клима во државата.

Станува збор за значаен инвестициски проект кој ќе придонесе за отворање нови работни места, зголемување на индустриското производство и унапредување на извозниот потенцијал на земјата. Компанијата е специјализирана во автомобилската индустрија и преку оваа инвестиција планира да воспостави современи производствени капацитети со висок технолошки и развоен потенцијал.

„Џаво Отомотив планира сериозен инвестициски циклус во Македонија. Согласно доставениот бизнис план, висината на инвестицијата ќе достигне до 20 милиони евра со вработување на повеќе од 400 лица. Планот на Џаво Отомотив со овој инвестициски проект е да креира годишен извоз кој би достигнал до 45 милиони евра годишно.“ – кажа Димовски.

Тој истакна дека овој инвестициски проект претставува директен придонес кон растот на производството, зголемувањето на извозот и подобрувањето на вкупната конкурентност на македонската економија. „Ова јасно укажува дека компанијата има амбициозни планови за раст и развој во Македонија. Станува збор за внимателно планиран инвестициски проект со долгорочна перспектива, кој ќе се реализира фазно и ќе создава сѐ поголеми економски ефекти во годините што следуваат.“ – порача тој.

Димовски во своето обраќање изрази убедување дека оваа инвестиција претставува само почеток на едно успешно и долгорочно партнерство, кое ќе создаде нова вредност за македонската економија. Тој истакна дека и понатаму се продолжува со активна работа, со континуирана посветеност и со јасна цел, да се позиционира Македонија како препознатлива на мапата за странски директни инвестиции.