ТИРЗ И ЈАПОНСКИ ЏЕТРО ПОТПИШАА МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА – ЦЕЛТА Е ПРИВЛЕКУВАЊЕ НА ЈАПОНСКИ ИНВЕСТИЦИИ И СОРАБОТКА МЕЃУ МАКЕДОНСКИ И ЈАПОНСКИ КОМПАНИИ

Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) и Јапонската организација за надворешна трговија (ЏЕТРО), денеска во Скопје потпишаа Меморандум за соработка чија цел е полесен влез на јапонски компании во земјава како и воспоставување поблиска соработка меѓу македонските и јапонските компании особено во делот на заеднички проекти во градежништвото и иновациите.

„Ова е почеток на една многу важна соработка. Очекувам дека во следниве денови јапонската делегација во која има и претставници на големи јапонски компании ќе ги препознаат потенцијалите за соработка. Особено е важно што еден од столбовите на Меморандумот што го потпишавме денеска е можноста за заедничка соработка на македонски и јапонски компании во проектите за обнова на Украина. Тоа што имавме можност летоска при посетата на Јапонија да го разбереме е дека има сериозен интерес посебно од големите јапонски банки да ги финансираат овие проекти кои очекуваме дека набрзо ќе се случат по завршувањето на конфликтот така што еден од фокусот на посетата е токму тоа – разговор меѓу македонските и јапонските компании како да се искористи нашето искуство и нашата блискост на овие пазари и нашите компании заедно со јапонските компании да добијат дел од тој колач на реконструкција“, изјави директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски.

„Идејата на оваа посета беше да им се овозможи на јапонските компании да се запознаат со менталитетот во Северна Македонија, деловните активности и да се воспостават деловни врски меѓу јапонските и македонските компании. Во последните неколку години ЏЕТРО интензивно работи на воспоставување на деловни врски посебно во областа на иновациите. Се надеваме дека со оваа посета ќе се воспостави и потесна врска меѓу јапонските и стартап компаниите во Северна Македонија“, рече директорот на ЏЕТРО од Виена, Татсуо Камино.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања и инвестиции, Фатмир Битиќи кој исто така ги презентираше можностите за инвестиции во земјата ја нагласи важноста на Јапонија како наш стратешки партнер.

„Денешниот ден е еден чекор напред кон унапредување на нашите билатерални односи со Јапонија, бидејќи претставници на водечки јапонски компании се дојдени за да ја запознаат нашата земја и можностите за развој на нивните бизниси кои нашата држава ги нуди. Во текот на изминатите три децении, нашите земји одржуваа пријателски односи, но сакаме да ја надминеме географската оддалеченост и да создадеме посилни економски врски. Ги претставивме можностите за инвестирање кои ги нудиме согласно законската регулатива, од финансиска поддршка за отворање на  работни места и капитални инвестиции до поддршка за истражување и развој“, посочи Битиќи.

ТИРЗ е домаќин на јапонската делегација предводена од генералниот директор на јапонското Министерство за економија, трговија и индустрија Такехико Матсуо и директорот на ЏЕТРО од Виена, Татсуо Камино, а во чиј состав се и претставници од 11 познати јапонски компании. Во следните три дена тие ќе имаат средби со студенти од ФИНКИ, со претставници на старап компании кои се дел од програмите на Фондот за иновации и технолошки развој, како и со претставници на големи компании кои се дел од Стопанската комора на Македонија.

Генералниот директор на МЕТИ, Матсуо нагласи дека „Јапонија работи на зајакнување на билатерални односи во рамките на Иницијативата за соработка за Западен Балкан, иницирана од поранешниот премиер Абе. Во посетата на бизнис делегацијата гледа „ голем чекор кон натамошно зајакнување на економските односи меѓу двете земји.“

„Важноста на Северна Македонија значително расте. Додека недостигот на работна сила станува се поостри во Централна и Источна Европа, Северна Македонија има изобилство на квалитетни човечки ресурси. Исто така, има одличен пристап до огромниот пазар на ЕУ и транспортен пристап до други европски земји каде веќе се наоѓаат центрите на синџирот на снабдување. Пред сè, Северна Македонија е „сигурен партнер“ со кој споделуваме фундаментални вредности“, нагласи Матсуо.

И јапонскиот амбасадор во земјава, Казуја Оцука нагласи дека е многу важно двете земји да ја унапредат економската соработка и гледа голем потенцијал, особено со вакви посети каде јапонските компании можат директно да се запознаат со инвестициските можности кои ги нуди земјава.

Меморандумот се потпишува во месецот кога се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Јапонија и Северна Македонија.