Успешна средба со трговското аташе на Австрија, Јута Валтер

Во рамки на новиот концепт за континуирана соработка, директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски оствари успешна средба со австриското трговско аташе. Средбата опфати теми поврзани со економскиот развој, како и унапредување на конкурентноста на македонската економија преку подобрување на условите за привлекување нови инвеститори.

Директорот Димовски ја истакна важноста на економската соработка со Австрија како еден од клучните партнери за долгорочен раст и развој на македонската економија.

„Економските односи помеѓу Македонија и Австрија се од големо значење за растот на нашата држава. Заедно со новата влада активно работиме на создавање атрактивни услови кои ќе им овозможат на странските инвеститори полесен и побрз пристап до нашата економија. Со тоа не само што ќе го поттикнеме отворањето на нови работни места, туку и ќе го унапредиме технолошкиот развој и конкурентноста на домашната економија.“ – истакна Димовски.

Претставниците на Advantage Austria, организација за промоција на трговијата на Австриската Федерална економска комора, изразија особено задоволство за остварената средба, со очекување за успешна соработка.

„Advantage Austria е секогаш тука да ги поддржи билатералните трговски односи меѓу Австрија и Северна Македонија, како и инвестициите од Австрија во Македонија. Зајакнувањето на трговската соработка и подобрувањето на условите за инвестирање се клучни кога станува збор за привлекување нови деловни партнери.“ – нагласи Јута Валтер, австриско трговско аташе одговорно за Србија, Црна Гора и Северна Македонија, со седиште во Белград.