Нова инвестиција вредна повеќе од 30 милиони евра во ТИРЗ Прилеп, Гентерм започнува со процесот на проширување

Директорот Гоце Димовски заедно со премиерот Христијан Мицкоски денес официјално ја објави новата инвестиција на американската компанија Гентерм која ќе инвестира над 30 милиони евра и ќе отвори нови 300 работни места во ТИРЗ Прилеп.

„Станува збор за високо интегрирани системи за автомобилската индустрија – со нова технолошка опрема, автоматизирани линии и современо производство. Со тоа, стануваме регионален хаб на Гентерм за Европа.

Сакам јавно да изразам искрена благодарност до директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димовски, за неговата посветеност, координација и силна поддршка во целиот инвестициски процес. Со вакви проекти расте индустриското производство, се отвораат нови работни места, се зголемува извозот, а со тоа – расте и довербата во нашата економија, расте вредноста на македонското знаење, умеење и труд.“ – кажа премиерот Мицкоски.

Директорот Димовски изрази благодарност до премиерот и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, нагласувајќи ја заедничката посветеност на целата влада за постигнување поголем економски раст.

„Согласно деловниот план добиен од страна на компанијата Гентерм се работи за компанија која има високотехнолошко производство со сериозна додадена вредност која и те како ќе ја подобри продуктивноста во индустријата и ќе го зголеми извозот од Македонија. Ова е една од тие најавени, договорени инвестиции во Македонија.“ – изјави директорот Гоце Димовски.

Ова е уште еден доказ за успехот на Дирекцијата за ТИРЗ како институција која напорно работи за растот на целата национална економија. Инвестицијата на Гентерм потврдува дека Македонија станува сигурна дестинација за долгорочни, стратешки и технолошки напредни инвестиции.