Директорот Гоце Димовски ги претстави можностите кои ги нуди ТИРЗ на форумот за странски инвестиции организиран од Германско-Македонскиот Бизнис Клуб во Берлин

Директорот Гоце Димовски ги презентираше инвестициските можности и поволности кои ги нудат зоните на форумот за странски инвестиции кој се одржа во Берлин, во организација на Германско-Македонскиот Бизнис Клуб (DNMBC) и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Воведни обраќања имаа претседателот на Бизнис клубот, Гафар Вејсели, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, како и Илбер Села, амбасадор на Македонија во Германија.

Димовски ја посочи поволната бизнис клима која ја нуди државата, инфраструктурните предности, како и даночните стимулации за инвеститорите во рамки на зоните. Беа презентирани и тековните активности на Дирекцијата, за кои се очекува дополнително да го засилат интересот на странските компании и да придонесат кон побрза реализација на најавените инвестициски проекти.

„Германија е еден од нашите најважни економски партнери, а интересот што го забележуваме изминатиот период покажува дека Македонија се позиционира како сигурна и конкурентна дестинација за инвестиции. Наш приоритет е да обезбедиме јасни процедури, брза институционална поддршка и околина што им овозможува на инвеститорите повторно да вложуваат, носејќи додадена вредност за нашата држава.“ – истакна Димовски.

Членовите на Германско-Македонскиот Бизнис Клуб, претставници на повеќе компании изразија особен интерес за потенцијална соработка, додавајќи дека стабилната бизнис клима и отвореноста на институциите се од големо значење за понатамошни инвестиции.

Со цел продлабочување на економската соработка помеѓу двете држави, настанот послужи како платформа за вмрежување, размена на знаење и интеграција на нови иницијативи меѓу македонските институции и германската деловна заедница.