Дирекцијата за ТИРЗ со 85% усогласеност на системот за интегритет се најде на второто место според Извештајот на ДКСК

Согласно најновиот Извештај од спроведената проверка на примената на системот за интегритет, спроведена од страна на Државната комисија за спречување на корупција, Дирекцијата за ТИРЗ за 2025 година  е оценета на највисоко ниво – „многу добро“ , што ја позиционира на второто место (заедно со ДКСК и Агенција за супервизија на осигурување), односно со 85% усогласеност со утврдените стандарди за имплементација на системот за интегритет.

Постигнатите 85% усогласеност, на највисоко ниво (многу добро) претставуваат значаен показател за доследната примена на принципите на транспарентност, отчетност и одговорно управување во работењето на Дирекцијата. Воедно, овој резултат ја потврдува ефективноста на воспоставените механизми за превенција од корупција и унапредување на институционалниот интегритет.

Споредбено, процентот на усогласеност во 2023 година изнесуваше 39,2% – ниво „просечно“, додека во 2024 година достигна 61,1% – ниво „добро“. Со постигнатите 85% усогласеност во 2025 година, Дирекцијата бележи раст од 45,8 проценти во однос на 2023 година, односно зголемување од 23,9 проценти споредено со 2024 година.

Остварениот напредок е резултат на бројни активности преземени во текот на годината, вклучително доработка, уредување и дополнително прецизирање на интерните акти на кои се темели системот за интегритет, како и спроведување на континуирани активности за е-учење и успешно полагање на обуките на ДКСК.

Во наредниот период, Дирекцијата за ТИРЗ продолжува со активности насочени кон понатамошно унапредување на системот за интегритет, со цел одржување на високото ниво на усогласеност и постигнување уште повисоки резултати.