НОВА ИНВЕСТИЦИЈА ОД 20 МИЛИОНИ ЕВРА НА ТУРСКАТА  КОМПАНИЈА „ТЕКНОПАНЕЛ“, НОВИ ВРАБОТУВАЊА ВО УСЛОВИ НА ЕНЕРГЕТСКА КРИЗА

Премиерот Димитар Ковачевски се обрати на настан по повод новата инвестиција на турската компанија „Текнопанел“ во ТИРЗ Скопје 1. Станува збор за високотехнолошката компанија која ќе инвестира 20 милиони евра во изградба на нов производствен капацитет за производство на иновативни т.н. „сендвич“ кровни панели кои истовремено нудат топлинска, хидро и звучна изолација, а отпорни се и на пожар, и особено се користат за покривни површини на индустриски згради.

Производството ќе започне од следната година, а ќе се отворат 120 нови работни места, со просечна нето плата за вработените од околу 600 евра. Согласно инвестицискиот план, платите континуирано се очекува да растат.

Во своето обраќање премиерот Ковачевски истакна дека задоволството е уште поголемо што инвестиции и нови вработувања се случуваат во услови на најголемата светска енергетска криза.

„ТЕКНОПАНЕЛ одбраа да ја донесат својата инвестиција токму тука и ова секако не е случајно. Ние како Влада обезбедуваме можности и предности за инвестирање во Северна Македонија. Најпрво, ова е земја членка на НАТО, со почнати преговори за членство во ЕУ, затоа и е стабилен партнер. Поддршката која ја добиваат компаниите од државата во смисла креирање поволни услови за работа, исто така е важен предуслов за растот на инвестиции. И секако, ние тука имаме квалитетни, трудољубиви работници и затоа наш клучен услов се одржливи и добро платени работни места за нашите граѓани. Во ова кризно време, а со цел да се справиме посеопфатно со последиците, по моја насока ние активно делуваме по две линии.

Реков дека никој нема да е оставен сам и затоа како одговорна Влада изминатиов период обезбедивме два пакети антикризни мерки за заштита на најранливите граѓани и компаниите во вредност од над 760 милиони евра. Затоа континуирано обезбедуваме 80% субвенционирана струја како и евтина струја за непречено функционирање на виталните функции на државата. Со последните мерки за евтина струја за прехранбената индустрија, очекуваме и да се намалат цените на лебот, млекото, месото и останатите основни производи и да го заштитиме стандардот на граѓаните. Од друга страна пак, многу важно е да имаме јасна стратегија за економски развој и долгорочна стабилност на земјата. Ние таа насока ја имаме. Мора да мислиме на иднината. И во овие тешки кризни времиња, наша задача е да обезбедуваме услови за креирање нови работни места, но секако и на подобро платени работни места за да се справиме со растечките трошоци за живот. И денес, тука сме, затоа што овој план за справување со кризата се исполнува, дава резултат. Покрај поддршката за најранливите и за компаниите, во Северна Македонија инвестираат глобални компании, и се отвораат нови и подобро платени работни места“, рече Ковачевски и додаде дека во следните два месеци до крајот на годината ќе бидат презентирани уште четири инвестиции.

Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ, рече дека од еден скромен и отворен разговор во Истанбул со сопственикот на „Текнопанел“, Орхан Кахвеџи денес стигнавме до реална инвестиција од 20 милиони евра и 120 нови работни места со плати над државниот просек.

„Ова е последна од инвестициите кои ги презентиравме периодов и кои веќе надминуваат 620 милиони евра. Истите предвидуваат отворање на 5.000 добро платени работни места за наши сограѓани.

Тоа е резултатот од новиот концепт на ТИРЗ и Владата за привлекување инвестиции. Отворени сме, искрени и чесни. Тоа е стратегијата за која прашуваат од ВМРО ДПМНЕ. Нашата стратегија не е ЌЕ туку СЕГА – реални инвестиции и реални работни места. Тоа е она што не прави различни и успешни”, рече Деспотовски.

Орхан Кахвеџи, сопственик на компанијата „Текнопанел“ рече дека оваа нова инвестиција е петти производствен капацитет, а воедно и првата фабрика за производство надвор од Турција.

„Новата инвестиција ќе даде додадена вредност на економијата во Северна Македонија. Како прво, ова е центарот на Европа, од каде ќе се извезува производството. Со помош на соработка со компаниите од регионот, квалификувани луѓе, верувам дека ова ќе биде уште една наша успешна приказна. Поддршката и стимулациите на Владата, за нас се исто така многу вредни“, рече Кахвеџи.

На настанот свое обраќање имаше и Хасан Мехмет Секизкок, амбасадор на Република Турција во Скопје кој ја истакна важноста на билатералната соработка меѓу двете земји, со посебен фокус на подобрување на економските релации и инвестиции.

Во првите десет месеци од годинава во компаниите во ТИРЗ се отворени над 2.000 нови работни места, а бројот на вработени за првпат се искачи над 16.000. Ова е зголемување за 16% за една година. Само во октомври се отворени речиси 500 нови работни места. Во моментов ТИРЗ има помеѓу 30-35 активни клиенти. Во фаза на изградба се пет фабрики коишто имаат потпишано договор. Со новиот концепт на ТИРЗ и Владата за привлекување инвестиции само во изминатите 18 месеци се постигнати договори од 620 милиони евра што е речиси две третини од вкупниот обем на донесени инвестиции во претходните 10 години.