700 НОВИ РАБОТНИ МЕСТА ВО ТИРЗ ОД ПОЧЕТОКОТ НА ГОДИНАВА

Продолжува растот на бројот на работни места и извозот во ТИРЗ, покажува редовната месечна анализа на Дирекцијата. Заклучно со мај, бројот на работни места достигна речиси 16.900. Тоа е за 15% повеќе од мај 2022, односно за 21% и 25% повеќе споредено со мај во 2021, односно 2020 година, покажува анализата. Само од почетокот на годинава во компаниите во ТИРЗ се вработени речиси 700 наши сограѓани.

Продолжува и растот на извозот кој заклучно со мај достигна 1.601 милијарди евра. Тоа е за 13% повисок споредено со првите пет месеци во 2022 година, односно за 22% повеќе во однос на истиот период во 2021. Само во мај компаниите во ТИРЗ реализирале извоз од 373 милиони евра што е највисоко ниво од почетокот на годинава и највисоко ниво на извоз споредено со месец мај во изминативе четири години.

И увозот во првите пет месеци од годинава достигна над 1,300 милијарда евра што е за 2% повеќе од истиот период лани, а на исто рамниште со 2021. Само во мај годинава компаниите во ТИРЗ оствариле увоз од 285 милиони евра што речиси на исто рамниште со мај 2022 година и за 14% повеќе споредено со мај 2021 година.

Поради ваквите економски движења продолжува и позитивниот тренд на раст кај нето извозот кој заклучно со мај е 22,91%.

Се очекува трендот на раст да продолжи со оглед на тоа што во ТИРЗ во последниве две и пол години се постигнати договори во вкупен обем од над 850 милиони евра и истите треба да донесат над 8000 нови работни места.