ГЕРМАНСКА СТОПАНСКА ДЕЛЕГАЦИЈА ВО ТИРЗ – ПРЕЗЕНТИРАНИ МОЖНОСТИТЕ ЗА ИНВЕСТИЦИИ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски оствари средба со германска стопанска делегација која го придружува германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер кој е во официјална посета на земјава. Деспотовски го презентираше новиот концепт за поттикнување на инвестиции и можностите за германски инвеститори со фокус на зелени технологии, обновливи извори на енергија и напредни технологии.
“Германија е водечки партнер и најголемиот инвеститор во технолошко развојни зони. Најголемата од основањето на Зоните со речиси 200 милиони евра е инвестицијата на германската фармацевтска компанија Гересхајмер. Верувам дека во следниот период уште германски компании ќе станат дел од нашето семејство “, изјави Деспотовски.
Директорот на ТИРЗ, нагласи дека предноста на Северна Македонија како мала земја е тоа што ги препознава потребите на инвеститорите и нуди флексибилниот пристап. Тој исто така посочи дека клучен адут во привлекувањето на странски инвестиции во контекст на глобалните случувања, е стабилноста гарантирана со членството во НАТО, како и предвидливата деловна клима, пристап до квалитетна инфраструктура и ефикасни јавни услуги. На средбата се разговараше за конкретни можности за соработка и размена на искуствата во однос на инвестициските активности во двете земји.
Стопанската делегација во чиј состав се претставници на повеќе германски компании, државни институции и банки е предводена од Штефан Венцел, парламентарен државен секретар од Сојузното министерство за економија и клима и Д-р Јоханес Шојбе, советник и раководител на сектор економија во кабинетот на германскиот претседател.