Успешни средби со високи претставници на ценети глобални инвестициски компании

Во рамките на владината делегација во Обединетите Арапски Емирати, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, директорот Гоце Димовски оствари повеќе средби меѓу кои со Мохамед Алабар, основач и управен директор на Eagle Hills, Мохамед Хасан Ал-Суваиди, директор на Абу Даби Развојна Холдинг Компанија (ADQ) – главен глобален инвеститор, како и со Мохамед Јамеел Ал Рамахи, извршен директор на Масдар Енерџи Инвестмент Компани, една од најголемите светски инвеститори во обновлива енергија и двигатели на енергетската транзиција.

Директорот Димовски заедно со премиерот Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и останати високи владини претставници, ги презентираше можностите за инвестирање во рамките на ТИРЗ кои нудат бројни поволности и потенцијали, при што беа изразени напорите за Македонија да се најде на мапата на светските инвеститори.

Воедно, на средбите се разговараше за проекти, можности и планови за инвестирање во Македонија која како држава доцни во лобирањето да се најде на инвестициската мапа на овие светски економски гиганти, сѐ со цел да се обезбеди иднина и просперитет за граѓаните на Македонија.

ADQ и владата на Египет минатата година потпишаа договор за ADQ да инвестираат 35 милијарди американски долари во развојот на Рас ел-Хекма на египетскиот медитерански брег. Договорот му дава право на ADQ да развие 130 милиони квадратни метри земја, што е најголемиот договор за странски инвестиции во историјата на Египет.

Масдар е пионер во чистата енергија, позиционирајќи ги ОАЕ на чело на светската енергетска транзиција. Истата е присутна и поддржува повеќе од 40 земји во нивната енергетска транзиција.

Дирекцијата за ТИРЗ, во соработка со владата и понатаму напорно работи на привлекување нови инвестиции со додадена вредност, што ќе допринесе до унапредување на целокупната национална економија.